18.3.03

Чиј амбасадор си ти?

Не те видов од моментот кага пред три години на Правниот факултет те замолив повеќе да не држиш јавни трибини среде студентите на Скопскиот универзитет за НАТО-Алијансата. Ти реков јавно на трибината дека нема смисла да се злоупотребуваат студентите и Универзитетот за милитарни цели.

Оттогаш, дури на 10 март 2003 година те видов како, во својство на амбасадор, зборуваш за НАТО во телевизиската мисија посветена на оваа организација. Се согласувам дека ти можеш најдобро да ни кажеш како да ја научиме азбуката на НАТО, а притоа ништо да не погрешиме.

Видов дека прецизно ја користиш терминологијата на НАТО. Така и треба да биде. НАТО е воена организација и се мора да се движи како што е предвидено. Не зборуваш за војната во Македонија во 2001 година, туку за "криза". Демек, немало војна, иако имаше голем број жртви, ранети и протерани лица од повеќе градови и села во Македонија. Нелогично е Македонија да има војна кога е членка на Партнерството за мир и кога на нејзина територија непосредно се наоѓаат НАТО-војниците.

Но, ти се јавувам поради одговорот што го даде на прашањето на студентите од Институтот за одбрана и мир во Скопје, во врска со војната против Ирак. Ти ја поддржа таа војна и, згора на тоа, бараш од Македонија да се вклучи во неа, со образложение дека сме членка на Вилнус групата. За ова прашање ти имаш цврст став и него јавно го соопштуваш, пред да се изгради официјален став на македонската држава. Добив впечаток дека ти не си амбасадор на Македонија во Брисел, туку си амбасадар на некоја друга земја.

А сега сакам да размениме мислење како универзитетски професори за следново прашање: дали воопшто Македонија може да учествува во војната против Ирак, независно од тоа дали некој тоа го сака или не? Мојот одговор е негативен, од повеќе причини. Прво ќе ги наведам правните пречки, а потоа политичките и хуманите аспекти.

Нашиот Устав дозволува само одбранбена војна, во случај ако Македонија биде нападната или ако и претстои непосредна опасност. Верувам оти не мислиш дека Ирак ќе не нападне или дека режимот на Хусеин претставува воена закана за нашата земја. Ако Собранието, пак, донесе позитивна одлука, тогаш Уставниот суд може да ја поништи или да ја укине како противуставна. Може да издаде и привремена мерка за запирање на нејзиното дејство.

Уште поголема пречка е меѓународното право. Да се потсетиме само на два документа. Повелбата на Обединетите нации ја забранува силата како средство за решавање на меѓународните спориви. За употребата на сила одлучува само Советот за безбедност, со согласност на петте големи сили. Добро знаеш дека Франција, Русија и Кина не ја поддржуваат војната како средство за разоружување на Ирак. Ако, пак, некоја држава нападне некоја земја без таква согласност, тогаш таа држава врши агресија врз нападнатата земја. А агресијата е најтешко меѓународно злосторство за кое нема никакво оправдување. Тоа е запишано во Декларацијата на Нирнбершкиот суд за воени злосторства од 1945 година.

А сега за политичките аспекти. Војната против Ирак е лична војна на САД и на Велика Британија, а не војна на НАТО. Подобро од мене знаеш дека НАТО е длабоко поделен по ова прашање и дека нема согласност за војната против Ирак. И од гледиште на НАТО, значи, Македонија нема обврска да го напаѓа Ирак.

Се повикуваш на Вилнус групата како аргумент, тврдејќи дека некои членки од оваа група ја поддржуваат војната, иако се поблиску до Европската унија од Македонија. Па тоа не е цврст аргумент. Македонија повеќе се стреми кон Европската унија отколку кон НАТО. ЕУ е трајна и перспективна организација, а за НАТО тоа не може да се каже. Веројатно сакаш Македонија да биде вазал-држава, како што тоа го тврди Ширак за членките на Вилнус групата како репрезенти на "Новата Европа"?! Не е добро што водиш повеќе сметка за САД и за НАТО отколку за Македонија и за Европската унија.

Мислам дека не сакаш или не можеш да видиш дека се создава мултиполарен свет како нова појава на меѓународната сцена. На една страна се Германија, Франција и Русија, а на друга е Кина, со добри изгледи да привлече поголем број држави од Далечниот Исток на своја страна. На трета е Индија како растечка суперсила на 21-от век, а на четвртата се арапските и муслиманските земји кои поцврсто се обидинуваат како последица на војната против Ирак и масакрирањето на Палестинците. Ова не е обединување против САД, туку заштита на меѓународната безбедност и цивилизирано решавање на меѓународните конфликти.

А сега за хуманите аспекти на војната. Да те запознаам само со неколку податоци за последиците од војната што ги согледува Светската здравствана организација. Од 26 милиони население на Ирак, гладни ќе бидат 16 милиони луѓе Тоа се оние што добиваат бесплатна храна од ирачката држава. Овие луѓе гладот ќе ги уништи поефикасно од кое било оружје за масовно уништување. Бројот на жртвите во Багдад се проценува на 50.000, а бројот на жртвите на јужниот и северниот фронт од земјата се проценува на 30.000. Ранети ќе има околу 500.000 лица. Во Иран се очекува бран од 900.000 бегалци, а во Турција, Кувајт, Сирија и во Јордан реката на протерани луѓе е несогледлива. Во внатрешноста на Ирак, пак, ќе талка двомилионска "хорда" на раселени и напатени лица.

Што ако се остварат овие прогнози, дури и во помала величина? Ќе имаш ли барем мирен сон како што сега го имаш? Мислев дека си човек кој ги цени моралните вредности посилно отколку функцијата. Затоа гласав за тебе на парламентарните избори во Општина Центар во 1998 година. Потоа, предвреме го напушти пратеничкиот мандат, барајќи подобро место во Брисел, без да водиш сметка за довербата што ти ја дадов. Од пратеник стана амбасадор, и од Скопје замини за Брисел. Не знам дали тие е подобро таму отколку што ти беше во Собранието и на Универзитетот? Не знам, исто така, да ли си свесен за одговорноста што ја имаш кога ја поддржуваш војната против Ирак и кога бараш Македонија да учествува во неа по секоја цена?

На крајот, пред да те поздравам, сакам да те потсетам дека калинките во твоето Валандово и во мојот Дојран се подготвуваат за цутење. А што ќе цути во Ирак, ако твоите желби се остварат, во врска со војната против Ирак?

Со поздрав и желба за разговор,
Светомир Шкариќ

Извор: Вест