29.11.07

Сабота, 01 декември, 18.00 во Точка

Во сабота, на први декември, во културниот центар Точка со почеток во 18 часот, во склоп на активностите поврзани со иницијативата за повлекување од Ирак, “Не пиеме нафта!”, ќе се одржи проекција на филмот “Gunner Palace”, и дискусија околу македонското учество во ирачката војна и самата војна воопшто.



“Gunner Palace” е термин кој се однесува на големото луксузно здание насред Багдад, што некогаш претставувало кралска палата, а по инвазијата во 2003, штаб на американската војска. Токму војниците сместени таму се ликовите околу кои е исплетена приказната на филмот насловен по палатата.

Журкање во базен, рапување за она што се видело и доживеало во војната, глупи изјави, паметни изјави, цинизам, хумор, тага, изливи на емоции, адреналин, рации, акции, упади во ирачки куќи, анегдоти - класични “прикаски од војска”, песок, пот, страв, вознемиреност – тоа се клучните зборови со кои најдобро би се опишал овој тотално неконвенционален документарен филм. Чувството кое го остава делумно потсетува на “Apocalypse Now”, со таа разлика што овој филм се случува во real-time.. или како што вели еден од учесниците: "For y'all, this is just a show, but we live in this movie." Особен впечаток остава гротескната, на моменти пародична нарација и вештото вметнување на цитати од медиумите, монтирани на фактички слики.

Филмот е сниман во периодот кон крајот на 2003 и првата половина на 2004. Зад него стои Мајкл Такер, новинар, embedded на своја рака. Жив и возбудлив, “Gunner Palace” зборува за војната од една сосема поинаква перспектива, притоа избегнувајќи да изведе конечен заклучок – тоа е оставено на самите гледачи.

Што се однесува до дискусијата по тоа, воведен збор ќе има Дамјан Алексиев, а ќе може да се вклучи секој од присутните. Приликата ќе се искорсти и за дистрибуирација на второто издание на памфлетот (PDF на овој линк), а бесплатно ќе се разделат и преостанатите шака беџови.

Не заборавајте да се потпишете на петицијата “Не пиеме нафта” - клик овде.

myspace.com/nepiemenafta

27.11.07

Околу “Не Пиеме Нафта” - што се случуваше во ноември

Изминатите две недели ми беа исполнети до максимум со пуно ствари, така што не стигнав на време да кажам како се одвиваа работите околу иницијативата за повлекување на македонската војска од Ирак. Еве некои впечатоци за тоа што се случуваше и најава за тоа што треба да се случи.

Издадовме втора верзија од памфлетот “Не пиеме нафта”: разликите од првото издание се во насловната страница, малку е скусен материјалот - исфрлен е текстот на петицијата затоа што истиот е образложен во деконструкцијата на 14те мита, дел кој што малку го преработивме. Памфлетот (ќе) се дистрибуира секаде каде што ќе имаме прилика, а и вие може да помогнете: слободен е за преземање во PDF на овој линк. Секој добронамерник кој има услови (службен фотокопир, по можност во државната администрација, најарно во Министерство за Одбрана), нека копира, нека остава по кафичи, книжари, факултети, нека се шири зборот.
Изработивме и беџови со добро позната сликичка на војникот и натписот “окупатори”, ама 200 беџа отидоа одма, но веројатно ќе има нова тура, зависно од тоа како странските шпиунски служби ќе ни уплаќаат средства за дејствување. Беџовите ги делиме бесплатно.
Се одржа тркалезната маса во склоп на Peace Unlimited Festival. Од најавените се појавија проф. Шкариќ, Коља, Рамадан Рамадани и претставниците од политичките партии. Учество зема и претставничката на Civil. Мојот генерален впечаток е позитивен. За прв пат се соочивме со повеќе посетители од предвидени столчиња и тоа ме радува. За настанот известија Шпиц (го нема онлајн тоа издание, појма неам зашто), Време и НетПрес.

Минатата недела по повод иницијативата, настаните и актуелизирањето на овој проблем, како што најавив на блогов, бев во 103ка и кај Јанко. Горе - долу некој успеал да фати и да се информира дополнително. Најдобро нешто после тоа беа коментарите од некои луѓе “аман бе уште ли?”.

По многу истрошено време и дебакл со вордпресот, готов е и irak.vuna.info (или nepiemenafta.blogspot.com), и myspace.com/nepiemenafta. Нека се шири зборот.

Во подготовка се и уште некој клип, дополнителни принтани материјали и неколку настани - следно е проекција на филмот Gunner Palace во К.Ц. Точка, сабота 01.12, со почеток во 18 часот, и трибина после тоа. Официјална најава деновиве.
За крај - избегнувам да пишувам нонстоп за Не Пиеме Нафта на блогов затоа што тоа не е некоја организирана акција со определено времетраење, не е некое опортуно иживување на нечие его, луѓето позади тоа не се некоја елитистичка група која седи изолирана и повлекува потези па ајде сега мистифицирање и сл. Напротив - Не Пиеме Нафта е идеја, кога велам ние, не се обраќам од името на пар блогери и пар неблогери, туку од името на сите кои ни изразиле поддршка, кои доаѓаат на настаните, кои го читале материјалот, се потпишале на петицијата. Затоа и имав одбојност кон креирање сајт, официјално претставување како некоја штознам кампања. Нема тука подземје-мејнстрим, паметни-глупи, млади-стари, мажи-жени, на крај краева Не Пиеме Нафта е секој кој се согласува со нас, без оглед на тоа дали не’ видел или ја потпишал петицијата.

Петицијата може да ја потпишете на овој линк.

извор: Вуна

Клип 1

25.11.07

Полска и Австралија ќе се повлечат од окупацијата на Ирак

Викендов е сведок на два крупни удари за американскиот империјализам: бандитска дружина на земји што го окупираат Ирак (помеѓу нив, на наша срамота е и нашата земја!) во 2008 година ќе се намали од 19 на барем 17 земји!

Новиот полски премиер, Доналд Туск (либерал, а не левичар!), во својот прв говор пред полскиот Сејм најави дека стои на предизборното ветување дека ќе ги повлече полските војници од Ирак до крајот на 2008 година: „Ние решивме да го почнеме и да го завршиме повлекувањето на полските војници од Ирак во 2008 година.“

Во Австралија, пак, се остварија предизборните очекувања и опозициската Лабуристичка партија победи. Нејзината победа исто така се очекува да доведи до повлекување на австралиските војници од Ирак до средината на 2008 година. Во април оваа година на Националната конференција на лабуристите беше усвоен следниот став околу Ирак:

„Лабуристите не го поддржуваа австралиското вмешување во Војната во Ирак, бидејќи воената акција не беше одобрена од Советот за безбедност на ОН и бидејќи не можеше да се утврди веродостоен случај дека Ирачката војна претставува легитимен одговор на терористичките напади од страна на Ал Каеда согласно одредбите од членот 51 од Повелбата на ОН. Позицијата на лабуристите подоцна се покажа за точна.

Ниту една од целите што беа дадени за војната не се исполнија: не беше пронајдено оружје за масовно уништување, а терористичката закана се зголеми наместо да се намали како резултат на инвазијата. Како резултат на нашето учество во Ирак, Австралија сега повеќе е терористичка цел отколку што би била во обратен случај. Лабуристите постојано тврдеа дека нашите трупи подобро би биле употребени за обезбедување на интересите на Австралија во нашиот регион, а не ако останат бесконечно во Ирак.“

Со повлекувањето на Австралија од окупацијата, ќе преостанат само уште две западни земји кои учествуваат во Ирак: Британија и Данска (која и самата е во тек на повлекување). Со повлекувањето на Полска бројот на земјите членки на НАТО кои сеуште ја поддржуваат окупацијата ќе падне на само 6 (Британија, Романија, Бугарија, Чешка, Ерменија и Данска). На истиот број земји ќе падне и бројот на земји членки на ЕУ кои учествуваат во Ирак. Затоа прашуваме:

АКО НАШАТА ЦЕЛ Е ЗАЧЛЕНУВАЊЕ ВО ЕУ И НАТО, ЗОШТО НЕ СЕ ОДНЕСУВАМЕ КАКО УБЕДЛИВОТО МНОЗИНСТВО ЗЕМЈИ ЧЛЕНКИ НА ЕУ И НАТО И НЕ ЈА ПРЕКИНЕМЕ ОКУПАЦИЈАТА НА ИРАК?!!!

БР Македонија со учеството во окупацијата на Ирак по прв пат по Александар Македонски окупира туѓа земја. Да го обелиме образот на нашата земја и додека не е предоцна, да се повлечеме од окупацијата на Ирак!

Извор: Рене, Левичарски блог

Текстот на петицијата "Не пиеме нафта"

[клик овде за да ја потпишеш петицијата]


Ние, граѓаните на Република Македонија во името на добрите намери и определбите за хуманост и цивилизираност свесно застануваме против понатамошното учество на нашите војници во мисијата во Ирак. Апелираме до владата и до пратениците, кои одлуките ги донесуваат во наше име и со мандатот што сме им го дале преку непосредни демократски избори, да ги преиспитаат одлуките и при тоа да ги земат предвид и овие наши пораки.

Ова го бараме затоа што сметаме дека при донесувањето на одлуката за нашето учество во мисијата Слобода за Ирак немаше јавна дебата и не беше ислушан гласот на јавноста за ова прашање. Последица на тоа се еден куп невистини кои се искористуваат како фалсификувани банкноти, како лажни факти за оправдување на испраќањето нови контингенти војници, симнување на ограничувањата што на македонските војниците им ги наметнуваат нашите закони, и кои најверојатно ќе послужат како аргументи за зголемување на бројот на војниците.

Учеството на Македонија во коалицијата што ја спроведува мисијата Слобода за Ирак не е обврска која произлегува од нашите амбиции за влез во НАТО. Во коалицијата не учествуваат две третини од земјите членки на Алијансата, а од западноевропските држави учествуваат само Велика Британија и Данска. Тоа не е обврска ниту од нашиот кандидатски статус, а најдобар пример е Хрватска, која, иако не учестува во коалицијата, е понапред од нас во НАТО-интеграциите.

Лажен е и фактот дека трошоците за мисијата ги покриваат Американците или други сојузници. Во јавноста е малку познат фактот дека за македонското учество во крвавата мисија во Ирак од буџетот се издвојуваат по 5 милиони долари годишно. Тоа се пари од нашиот џеб - и ние ја финансираме окупацијата на Ирак.

Мисијата во Ирак не е мировна. Прво, како што изјави и генералниот секретар на Обединетите нации Кофи Анан, мисијата е илегална. Значи, непотврдена со соодветна резолуција од ООН. Второ, таа никако не може да спаѓа во мировна, затоа што во моментот кога се случи инвазијата во земјата немаше војна. Трето, фактичката состојба не се поклопува со дефиницијата за тоа што е мировна мисија што ја даваат ООН - мисијата не создаде услови за мир, напротив, таму е се покрваво.

Лицемерен е фактот што мисијата се вика Слобода за Ирак затоа што коалицијата ја окупираше државата која беше суверена. Фактот што во неа се градат четири американски бази не кажува дека војниците дошле да ја ослободат земјата и да си заминат, туку да останат. Тоа го прават окупатори, а не ослободители. Ова се потврдува и со неодамнешната изјава на поранешниот државен секретар на САД Колин Пауел кога во една своја изјава војната ја нарече окупација.
Фактичката ситуација на теренот сосема се поклопува со сите дефиниции на окупација, па и оние кои ги дава американскиот Департмент за одбрана.
И на крај, сите оние кои носат одлуки ги потсетуваме на ослободителните мисии во Македонија што балканските држави ги спроведувале на почетокот на XX век.

Нема ништо од ветеното учество на македонски фирми во обновата на Ирак.

Нема дебата за македонското учество во Ирак, што ја оправдува констатацијата дека за учеството во Ирак постои политички консензус.

Бројката на цивилни жртви е околу 70.000 цивили (Iraq Body Count). Тоа воопшто не е показ дека војната е завршена. Секојдневните колежи и напади носат се повеќе жртви. Како што оценуваат аналитичарите, државата фактички се наоѓа во граѓанска војна.

Македонските војници во Ирак се секојдневно изложени на воен ризик. Фактот што неколкумина македонски војници беа одликувани со медал го докажува тоа. Медали не им се даваат на луѓето кои седат во базите и играат табла, туку на оние кои непосредно се ангажирани во ризични акции. Дополнително, Македонија во Ирак праќа елитни единици, наспрема претежно регрутниот состав на главнината од војската на САД.

Инвазијата и распоредувањето на трупите во Ирак не придонесуваат за борбата против тероризмот и не прават од светот побезбедно место за живеење. И Буш во една изјава признава дека Ирак нема врска со терористичките напади од 11 септември 2001 година. Инвазијата на почетокот беше оправдувана со информации дека Садам Хусеин има оружје за масовно уништување. Оружјето никогаш не беше пронајдено.
Дополнително, окупацијата на Ирак ќе продуцира непријателства што ќе долее масло на огнот и дополнително ќе придонесе за регрутација на нови генерации на терористи. Во оваа битка и Македонија и нејзиното мирољубиво население станува потенцијална мета на тероризмот.
Сето тоа значи дека војната не придонесува за безбедноста и за борбата против тероризмот.

Поради сето тоа, и поради мирољубивата традиција на македонскиот народ и сите што живеат во Македонија, ние застануваме зад ставот, гласно бараме Парламентот да донесе одлука да се повлечат македонските војници од Ирак, а државата да излезе од коалицијата Слобода за Ирак.

[клик овде за да ја потпишеш петицијата]

20.11.07

Кој е интересот од испраќањето македонски војници во Ирак

Македонија со одлуката да испрати војници во мировната мисија „Слобода за Ирак“ ја вовлече земјава во војна со сомнителни мотиви. Митови се тврдењата дека сите држави ја поддржуваат мисијата, дека испраќаме војници во Ирак поради НАТО, како и тоа дека Македонија не троши пари од буџетот за мисијата во Ирак. Ова се ставовите на поголем број експерти и антивоени активисти, кои деновиве организираа дебата во рамките на кампањата „Неограничен мир“, а по одлуката на Владата да го зголеми бројот на војниците што служат во Ирак. Од друга страна, претставниците од политичките партии на власта и на опозицијата беа единствени во тврдењето дека Македонија со оваа одлука ги штити интересите на својата држава. - Не значи дека сум милитант ако не сум на исто стојалиште со ставовите на пацифистите. Сметам дека во оваа ситуација не се водиме од моралните и етичките мотиви на жителите на Ирак, туку од македонските интереси. Точно е тоа дека Хрватска нема интерес за овие мисии, но Хрватска немаше никаков проблем за влез во НАТО, освен проблемот со соработката со Хашкиот трибунал, и од старт имаше подобра позиција од нас. Ние моравме да играме на картата учество на мировните мисии - оцени пратеникот Игор Ивановски од СДСМ. Професорот на Правниот факултет во Скопје Светомир Шкариќ, пак, вели дека договорот што Македонија го потпиша за учество во овие мисии е „американски“ и нема врска со НАТО. - Оттука не држи тезата дека сето ова го правиме за влез во Алијансата. Во ситуацијава, Уставниот суд треба да се изјасни за договорот за испраќање војници што сите партии го прифатија во парламентот - побара Шкариќ. Рамадан Рамадани додава дека уште еден мит што постои во Македонија, особено меѓу албанското население, е љубовта кон Америка. - Според овој мит, Албанците во Македонија веруваат дека секој што не се согласува со испраќањето војници во Ирак е против Америка - вели Рамадани. Во моментов 20 држави имаат свои војници во Ирак, а осум од нив се членки на НАТО, меѓу кои Британија, Данска, Бугарија, Естонија, Полска Романија и Чешка. Притоа, блиските сојузници на САД, како што се Канада, Германија и Франција, немаат свои војници во мисијата во Ирак.

Е. С. И.

извор: Време

17.11.07

Mакедонија - Спонзоруша

Граѓанската иницијатива „Ние не пиеме нафта“ денес организираше тркалезна маса. Се стокмив и појдов. Интересно. Морав да пишам пост, не знам зошто ама морав да изреагирам на излагањето на Александар Николоски од ВМРО-ДПМНЕ. Не би го поштедила тука и Игор-Шема од СДСМ бидејќи на иста линија беше и неговата изјава ама ете од првиов фатив супер цитати, уредно ги чкртнав на маргините од фанзинчето и веројатно бидејќи дебатата се одвиваше само меѓу учесниците, а не публиката почувствував потреба да чкртам пост. Ете одговор. Ај замолчи една герилка да те видам.

Фанзинчето е добро стомено. Полно со податоци кои овојпат одат во насока- демистификација на приказните кои ни се сервирани. Очекував силни аргументи од двајцата владини претставници ама добив само митови на послужавник кои и онака фино ги раскршија авторите на петицијата.

Николоски ја дефинираше „мировната“ мисија на мекедонските трупи во Ирак како „стратешко пријателство со САД кој е нашиот најголем пријател и СПОНЗОР“ (цитат) Во Фанзинот е спомната Хрватска која е кандидат за член во НАТО (еден од форсираните причини за учество на МК во мисијата), а истовремено нема испратено свои војници во Ирак. Хрватска е истотака и понапред од нас во НАТО- интеграциите. Истиот Николоски ја наведе Хрватска како легитимен пример но „ Хрватска е посилна на политички, економски, безбедносен план“ (цитат)

Па би го запрашала Николоски (ако може вака виртуелно кога не ни беше дозволено во живо) дали во неговото постојано инсистирање на алтернативи не влегува во еден зачаран круг од две опции: или МКД да работи на својата политичка, економска и безбедносна ситуација, да ја стигне хрватска, да ја надмине Хрватска па да може самостојно да донесува одлуки или Македонија да продолжи да постои и да се гради како СПОНЗОРУША?

извор: Фемгерила