20.11.07

Кој е интересот од испраќањето македонски војници во Ирак

Македонија со одлуката да испрати војници во мировната мисија „Слобода за Ирак“ ја вовлече земјава во војна со сомнителни мотиви. Митови се тврдењата дека сите држави ја поддржуваат мисијата, дека испраќаме војници во Ирак поради НАТО, како и тоа дека Македонија не троши пари од буџетот за мисијата во Ирак. Ова се ставовите на поголем број експерти и антивоени активисти, кои деновиве организираа дебата во рамките на кампањата „Неограничен мир“, а по одлуката на Владата да го зголеми бројот на војниците што служат во Ирак. Од друга страна, претставниците од политичките партии на власта и на опозицијата беа единствени во тврдењето дека Македонија со оваа одлука ги штити интересите на својата држава. - Не значи дека сум милитант ако не сум на исто стојалиште со ставовите на пацифистите. Сметам дека во оваа ситуација не се водиме од моралните и етичките мотиви на жителите на Ирак, туку од македонските интереси. Точно е тоа дека Хрватска нема интерес за овие мисии, но Хрватска немаше никаков проблем за влез во НАТО, освен проблемот со соработката со Хашкиот трибунал, и од старт имаше подобра позиција од нас. Ние моравме да играме на картата учество на мировните мисии - оцени пратеникот Игор Ивановски од СДСМ. Професорот на Правниот факултет во Скопје Светомир Шкариќ, пак, вели дека договорот што Македонија го потпиша за учество во овие мисии е „американски“ и нема врска со НАТО. - Оттука не држи тезата дека сето ова го правиме за влез во Алијансата. Во ситуацијава, Уставниот суд треба да се изјасни за договорот за испраќање војници што сите партии го прифатија во парламентот - побара Шкариќ. Рамадан Рамадани додава дека уште еден мит што постои во Македонија, особено меѓу албанското население, е љубовта кон Америка. - Според овој мит, Албанците во Македонија веруваат дека секој што не се согласува со испраќањето војници во Ирак е против Америка - вели Рамадани. Во моментов 20 држави имаат свои војници во Ирак, а осум од нив се членки на НАТО, меѓу кои Британија, Данска, Бугарија, Естонија, Полска Романија и Чешка. Притоа, блиските сојузници на САД, како што се Канада, Германија и Франција, немаат свои војници во мисијата во Ирак.

Е. С. И.

извор: Време