29.11.07

Сабота, 01 декември, 18.00 во Точка

Во сабота, на први декември, во културниот центар Точка со почеток во 18 часот, во склоп на активностите поврзани со иницијативата за повлекување од Ирак, “Не пиеме нафта!”, ќе се одржи проекција на филмот “Gunner Palace”, и дискусија околу македонското учество во ирачката војна и самата војна воопшто.



“Gunner Palace” е термин кој се однесува на големото луксузно здание насред Багдад, што некогаш претставувало кралска палата, а по инвазијата во 2003, штаб на американската војска. Токму војниците сместени таму се ликовите околу кои е исплетена приказната на филмот насловен по палатата.

Журкање во базен, рапување за она што се видело и доживеало во војната, глупи изјави, паметни изјави, цинизам, хумор, тага, изливи на емоции, адреналин, рации, акции, упади во ирачки куќи, анегдоти - класични “прикаски од војска”, песок, пот, страв, вознемиреност – тоа се клучните зборови со кои најдобро би се опишал овој тотално неконвенционален документарен филм. Чувството кое го остава делумно потсетува на “Apocalypse Now”, со таа разлика што овој филм се случува во real-time.. или како што вели еден од учесниците: "For y'all, this is just a show, but we live in this movie." Особен впечаток остава гротескната, на моменти пародична нарација и вештото вметнување на цитати од медиумите, монтирани на фактички слики.

Филмот е сниман во периодот кон крајот на 2003 и првата половина на 2004. Зад него стои Мајкл Такер, новинар, embedded на своја рака. Жив и возбудлив, “Gunner Palace” зборува за војната од една сосема поинаква перспектива, притоа избегнувајќи да изведе конечен заклучок – тоа е оставено на самите гледачи.

Што се однесува до дискусијата по тоа, воведен збор ќе има Дамјан Алексиев, а ќе може да се вклучи секој од присутните. Приликата ќе се искорсти и за дистрибуирација на второто издание на памфлетот (PDF на овој линк), а бесплатно ќе се разделат и преостанатите шака беџови.

Не заборавајте да се потпишете на петицијата “Не пиеме нафта” - клик овде.

myspace.com/nepiemenafta