3.12.07

Мономаничен милитаризам

Веќе и површната анализа на однесувањето на значаен дел на политичарите од некогашниот социјалистички блок, клучувјќи ги во нив и државите од некогашна СФРЈ, ќе покаже дека во нивното однесување можат да се забележат нагласени елементи на мономанија. На свој начин, секој од нив обземен е со иста идеја. Тоа е идејата за влез во НАТО по секоја цена. Никој жив од нив не умее разложно да објасни зошто е потребен влезот во НАТО и што тој ќе им донесе на нивните земји, но убеден е дека тоа е добро. Така и мономанот, обземен од една иста идеја (на пример, да украде одредена ситница) не умее да каже зошто е тоа потребно, меѓутоа „знае”, односно тврди дека тоа е потребно. Со време, мономанијата може да премине во присилна невроза. Имено, некој човек не знае зошто повторува едни исти дејства, како што е проверувањето дали бравата од влезната врата на станот е заклучена, макар со сигурност знае дека само предмалку ја заклучил. Непрекидно проверувајќи дали ја заклучил или не ја заклучил влезната врата, тој прекинува нормално да мисли, како и да се бави со останатите секојдневни нешта од својот живот. Практично, и прекинува да го живее својот живот, туку живее некаков измислен живот, придржуивајќи се до принципот така треба.

Кога и да го вклучам телевизискиот апарат, кога и да го вклучам радио приемникот или да свртам некоја страница од нашиот дневен или неделен печат, секогаш наидувам на едно истото: дали ќе бидеме примени во НАТО, кога ќе биде датумот за влезот во НАТО, како и кои услови треба да ги исполниме за да се оствари „посакуваниот” сон? Наедно, секоја изјава на било кој дојденец од Запад, макар бил и заменик на заменикот за надворешни работи на „таа и таа” земја, се разгледува со сета сериозност. Секој негов збор се разгледува и анализира од секоја можна страна, се откриваат и се толкуваат скриените пораки во неговата изјава, макар во неа и да немало никаква скриена намера. Самите, пак, дојденци се издигаат на највисокиот можен пиедестал. На тој начин, државата полека се преобразува во Русија од првата половина на 19-от век, низ која шеташе безначајниот Гогољев јунак Чичиков, купувајќи и продавајќи сè и сешто – најчесто непостоечки, т.е. мртви души. Затоа, царската цензура за извесно време го забрани излегувањето на романот „Мртви души”, со едноставното образложение дека идејата за мртва душа е contradictio in adiecto, односно дека таа е еднаква на идејата за дрвен камен, бидејќи душата е или жива или не постои – неживите души се недуши. Во слична парадоксална ситуација се наоѓа и Република Македонија, за која веќе реков дека во своето мономанично однесување не е изолирана. Нешто слично се случува и во Хрватска: ниту хрватските граѓени се воодушевени од евентуалниот влез во НАТО, ниту некој умее рационално да ја објасни таа потреба, ниту... Сепак, Хрватските политичари унисоно извикуват дека иднината на Хрватска е во НАТО. Значи и таму, како и тука, никој не знае зошто во НАТО, но секој знае дека треба во НАТО.

Ако се разгледаат аргументите што македонската политика ги нуди за потребата од влез во НАТО, набргу ќе се покаже дека понудените аргументи не се имуни дури на елементарна логичка критика. Се тврди дека влегувањето во НАТО, како организација на колективна безбедност, ќе го сочувала мирот во Република Македонија. Колку НАТО тоа успешно го стори, можеше да се увери секој македонски граѓанин за време на војната од 2001 година: НАТО ниту го спречи прелевањето на терористите од Косово, кое се наоѓаше под нејзин протекторат, ниту го оневозможи илегалното влегување на оружјето во Македонија. Дури повеќе, постојат бројни индиции кои укажуваат дека „борците” на АНА, ОНА, УЧК – или како веќе ќе се именуваат – своето вооружување, како и воената логистика, ги добивале токму од НАТО и КФОР. Конечно, не е потребно некоја особена меморија за да се сетиме дека пред извесно време во класичен шврц со луѓе не учествуваше ниту македонската Влада, ниту некакви баучи од типот на србокомунисти или КОС, туку токму припадниците на КФОР, со обилна помош на еден човек од шведската амбасада во Скопје. Патем, колку да не се заборави, Шведска е ценета членка на НАТО.

Во недостиг на било каква инвенција „мудрите” македонски политичари тврдат дека благодарение на влезот во НАТО нашите граници ќе биле безбедни. Ако НАТО е навистина мирољубива организација, која нема никакви агресивни намери кон било која земја, вклучувајќи ја и Република Македонија, тогаш нема потреба да се зачленуваме во НАТО, бидејќи Бугарија и Грција се веќе членки на НАТО. Наскоро, барем така се тврди, тоа ќе бидат Косово и Албанија. Во догледна иднина тоа ќе биде и Србија. Според тоа, тие самите по себе, како членки на НАТО, ќе го гарантираат граничниот интегритет на Македонија. Следејќи ја претходната логика, се доаѓа до едноставното прашање: од кого НАТО ќе нè брани? Можеби, самото од себе? Но, тоа е бесмислено. Затоа, со НАТО или без НАТО, НАТО ја гарантира нашата безбедност. Ако е така, ако навистина НАТО самата по себе е гарантот за мирот во земјата, тогаш зошто би се зачленувале во оваа организација? Зачленувањето во НАТО би довело само до една „предност” – ќе бидеме должни и de jure да учествуваме во нејзините „мирољубиви” миси од типот на оние во Авганистан, Ирак, Иран, Србија... Тоа значи да испраќаме наши војници, кои ќе гинат на непознати и за нас далечни територии, борејќи се за туѓи интереси.

Она што како човек искрено ме загрижува е сознанието за сè поголемата милитаризација на македонското општество, како дел од општата милитаризација на светот, диктитарана директно од САД. Ме плаши што наместо идеите за просветување и образование се форсираат магличестите тези за некаков светски тероризам, најчесто подржуван и спонзориран токму од оние кои се „борат” против него. Што се Бин Ладен и Елкаеда, што се талибанците, ако не токму производ на САД во нивната борба против некогашниот Советски Сојуз? Што беше Садам Хусеин, ако не човек кој воено ги бранеше интересите на САД во војната со Иран? Тогаш Садам важеше за демократ и борец против исламскиот фундаментализам, персонифициран во ајатолахот Хомеини. Сепак, Садам заврши на бесилка, како терорист и исламски фундаменталист. Беше добар (good guy) додека Иранците ги таманеше со хемиско оружје. Потоа, кога го примени истиот метод врз Курдите беше прогласен за воен злосторник.

Како и да е, како човек, меѓутоа и како интелектуалец, ме вознемируваат милитаристичките тези кои секојдневно се пласираат во македонското општество. Воено одиме во Ирак, Авганистан или Босна, во исто време во коe не контролираме делови од нашата државна територија. Полициската нтервенција во Бродец имаше повеќе симболично значење, отколку одлучно и дефинтивно расчистување со убијците и натрапниците од секаков вид. Се одвојуваат огромни средства за воените мисии во странство, кога во државата владее општа беда. Овој манир на однесување е само блед рефлекс на она што се случува во САД. Претседателот на САД, Џорџ Буш, побара да се одобрат 195 милијарди за војните во Ирак и Авганистан. Дали некој си го поставил прашањето што сè може да се постигне со оваа сума, ако се употреби за поинакви цели, различни од водењето војни? Замислете што сè би се постигнало ако таа сума се подели на педесетина Африкански земји? Дали некој е свесен што за една африканска земја би значеле 4 милијарди долари? Меѓутоа, уште Маркс, а потоа и Орвел, сфатиле дека најголемото производство во капитализмот е војната: прво се руши она што се произвело, а потоа се произведува она што се рушело. Затоа, војната е најголемото производство од сите можни производства. Таа е производство над сите производства! Но, наедно, таа е производство и на смртта, бидејќи во војни луѓето не се испраќаат да создаваат животи, туку да убиваат. Сепак, без било каква дилема, и понатаму се испраќаат македонски војници на светските боишта.

Сеедно на сето она што претходно беше изнесено и понатаму мономанично се повторува дека во НАТО мораме по секоја цена. Значи ли дека цената за влезот во НАТО може да биде нашата земја, како и нашиот и така мал буџет, чиј огромен дел ќе мора да се наменува за воени цели? Во сета оваа мрачна и, навистина, мачна ситуација охрабрува иницијатива „Непиеме нафта”, организирана од млади македонски интелектуалци. Колку и да звучи грубо, сепак подобро е мономаничен пацифизам, наспроти на мономаничниот милитаризам.

автор: Љубомир Цуцуловски