25.11.07

Полска и Австралија ќе се повлечат од окупацијата на Ирак

Викендов е сведок на два крупни удари за американскиот империјализам: бандитска дружина на земји што го окупираат Ирак (помеѓу нив, на наша срамота е и нашата земја!) во 2008 година ќе се намали од 19 на барем 17 земји!

Новиот полски премиер, Доналд Туск (либерал, а не левичар!), во својот прв говор пред полскиот Сејм најави дека стои на предизборното ветување дека ќе ги повлече полските војници од Ирак до крајот на 2008 година: „Ние решивме да го почнеме и да го завршиме повлекувањето на полските војници од Ирак во 2008 година.“

Во Австралија, пак, се остварија предизборните очекувања и опозициската Лабуристичка партија победи. Нејзината победа исто така се очекува да доведи до повлекување на австралиските војници од Ирак до средината на 2008 година. Во април оваа година на Националната конференција на лабуристите беше усвоен следниот став околу Ирак:

„Лабуристите не го поддржуваа австралиското вмешување во Војната во Ирак, бидејќи воената акција не беше одобрена од Советот за безбедност на ОН и бидејќи не можеше да се утврди веродостоен случај дека Ирачката војна претставува легитимен одговор на терористичките напади од страна на Ал Каеда согласно одредбите од членот 51 од Повелбата на ОН. Позицијата на лабуристите подоцна се покажа за точна.

Ниту една од целите што беа дадени за војната не се исполнија: не беше пронајдено оружје за масовно уништување, а терористичката закана се зголеми наместо да се намали како резултат на инвазијата. Како резултат на нашето учество во Ирак, Австралија сега повеќе е терористичка цел отколку што би била во обратен случај. Лабуристите постојано тврдеа дека нашите трупи подобро би биле употребени за обезбедување на интересите на Австралија во нашиот регион, а не ако останат бесконечно во Ирак.“

Со повлекувањето на Австралија од окупацијата, ќе преостанат само уште две западни земји кои учествуваат во Ирак: Британија и Данска (која и самата е во тек на повлекување). Со повлекувањето на Полска бројот на земјите членки на НАТО кои сеуште ја поддржуваат окупацијата ќе падне на само 6 (Британија, Романија, Бугарија, Чешка, Ерменија и Данска). На истиот број земји ќе падне и бројот на земји членки на ЕУ кои учествуваат во Ирак. Затоа прашуваме:

АКО НАШАТА ЦЕЛ Е ЗАЧЛЕНУВАЊЕ ВО ЕУ И НАТО, ЗОШТО НЕ СЕ ОДНЕСУВАМЕ КАКО УБЕДЛИВОТО МНОЗИНСТВО ЗЕМЈИ ЧЛЕНКИ НА ЕУ И НАТО И НЕ ЈА ПРЕКИНЕМЕ ОКУПАЦИЈАТА НА ИРАК?!!!

БР Македонија со учеството во окупацијата на Ирак по прв пат по Александар Македонски окупира туѓа земја. Да го обелиме образот на нашата земја и додека не е предоцна, да се повлечеме од окупацијата на Ирак!

Извор: Рене, Левичарски блог