25.11.07

Текстот на петицијата "Не пиеме нафта"

[клик овде за да ја потпишеш петицијата]


Ние, граѓаните на Република Македонија во името на добрите намери и определбите за хуманост и цивилизираност свесно застануваме против понатамошното учество на нашите војници во мисијата во Ирак. Апелираме до владата и до пратениците, кои одлуките ги донесуваат во наше име и со мандатот што сме им го дале преку непосредни демократски избори, да ги преиспитаат одлуките и при тоа да ги земат предвид и овие наши пораки.

Ова го бараме затоа што сметаме дека при донесувањето на одлуката за нашето учество во мисијата Слобода за Ирак немаше јавна дебата и не беше ислушан гласот на јавноста за ова прашање. Последица на тоа се еден куп невистини кои се искористуваат како фалсификувани банкноти, како лажни факти за оправдување на испраќањето нови контингенти војници, симнување на ограничувањата што на македонските војниците им ги наметнуваат нашите закони, и кои најверојатно ќе послужат како аргументи за зголемување на бројот на војниците.

Учеството на Македонија во коалицијата што ја спроведува мисијата Слобода за Ирак не е обврска која произлегува од нашите амбиции за влез во НАТО. Во коалицијата не учествуваат две третини од земјите членки на Алијансата, а од западноевропските држави учествуваат само Велика Британија и Данска. Тоа не е обврска ниту од нашиот кандидатски статус, а најдобар пример е Хрватска, која, иако не учестува во коалицијата, е понапред од нас во НАТО-интеграциите.

Лажен е и фактот дека трошоците за мисијата ги покриваат Американците или други сојузници. Во јавноста е малку познат фактот дека за македонското учество во крвавата мисија во Ирак од буџетот се издвојуваат по 5 милиони долари годишно. Тоа се пари од нашиот џеб - и ние ја финансираме окупацијата на Ирак.

Мисијата во Ирак не е мировна. Прво, како што изјави и генералниот секретар на Обединетите нации Кофи Анан, мисијата е илегална. Значи, непотврдена со соодветна резолуција од ООН. Второ, таа никако не може да спаѓа во мировна, затоа што во моментот кога се случи инвазијата во земјата немаше војна. Трето, фактичката состојба не се поклопува со дефиницијата за тоа што е мировна мисија што ја даваат ООН - мисијата не создаде услови за мир, напротив, таму е се покрваво.

Лицемерен е фактот што мисијата се вика Слобода за Ирак затоа што коалицијата ја окупираше државата која беше суверена. Фактот што во неа се градат четири американски бази не кажува дека војниците дошле да ја ослободат земјата и да си заминат, туку да останат. Тоа го прават окупатори, а не ослободители. Ова се потврдува и со неодамнешната изјава на поранешниот државен секретар на САД Колин Пауел кога во една своја изјава војната ја нарече окупација.
Фактичката ситуација на теренот сосема се поклопува со сите дефиниции на окупација, па и оние кои ги дава американскиот Департмент за одбрана.
И на крај, сите оние кои носат одлуки ги потсетуваме на ослободителните мисии во Македонија што балканските држави ги спроведувале на почетокот на XX век.

Нема ништо од ветеното учество на македонски фирми во обновата на Ирак.

Нема дебата за македонското учество во Ирак, што ја оправдува констатацијата дека за учеството во Ирак постои политички консензус.

Бројката на цивилни жртви е околу 70.000 цивили (Iraq Body Count). Тоа воопшто не е показ дека војната е завршена. Секојдневните колежи и напади носат се повеќе жртви. Како што оценуваат аналитичарите, државата фактички се наоѓа во граѓанска војна.

Македонските војници во Ирак се секојдневно изложени на воен ризик. Фактот што неколкумина македонски војници беа одликувани со медал го докажува тоа. Медали не им се даваат на луѓето кои седат во базите и играат табла, туку на оние кои непосредно се ангажирани во ризични акции. Дополнително, Македонија во Ирак праќа елитни единици, наспрема претежно регрутниот состав на главнината од војската на САД.

Инвазијата и распоредувањето на трупите во Ирак не придонесуваат за борбата против тероризмот и не прават од светот побезбедно место за живеење. И Буш во една изјава признава дека Ирак нема врска со терористичките напади од 11 септември 2001 година. Инвазијата на почетокот беше оправдувана со информации дека Садам Хусеин има оружје за масовно уништување. Оружјето никогаш не беше пронајдено.
Дополнително, окупацијата на Ирак ќе продуцира непријателства што ќе долее масло на огнот и дополнително ќе придонесе за регрутација на нови генерации на терористи. Во оваа битка и Македонија и нејзиното мирољубиво население станува потенцијална мета на тероризмот.
Сето тоа значи дека војната не придонесува за безбедноста и за борбата против тероризмот.

Поради сето тоа, и поради мирољубивата традиција на македонскиот народ и сите што живеат во Македонија, ние застануваме зад ставот, гласно бараме Парламентот да донесе одлука да се повлечат македонските војници од Ирак, а државата да излезе од коалицијата Слобода за Ирак.

[клик овде за да ја потпишеш петицијата]