25.3.06

Соучесници во злосторот!

Неколку цитати од колумната на Биљана Ванковска За цената на човечките животи:


"Јавноста заслужува да знае дека учеството во рамки на британскиот контингент во јужниот дел на Авганистан е учество во вистинска војна, за разлика од кое досегашното учество во северниот дел во рамки на германскиот контингент изгледа како училишна екскурзија."


"...нема пари што можат да ви го надоместат ужасот и ризикот од мисии кои немаат блага врска со мировни операции."
"Тригодишнината на Ирачката војна скоро и да не беше одбележана или беше споменувана како тема од меѓународните односи, без да се има во вид и нашата партиципација во тој дел од пеколот. Во светот се протестираше масовно, но кај нас се зборува за наводни успеси и владее официјална амнезија спрема соучесништвото во злосторството."

Како надоврзување на постот Окупација на разумот, би поставил само две прашања до нашиот врховен командант: Кога ќе престанете да ги манипулирате Вашите граѓани за „постигнатите успеси на припадниците на Армијата во меѓународните мисии за зачувување на мирот и стабилноста во Ирак и Авганистан“? Дали единствениот Ваш успех за постигнување „стабилен политички консензус“ е „засилено присуство во меѓународните операции за подршка на мирот“, односно испраќање нов војници во војни на окупирани територии каде се губат десетици илјади невини животи?

извор: Зомбификација

За цената на човечките животи

На офицер на Армијата му должам една конкретна колумна... Во своето гласно размислување тој го искажа токму она што и мене ми пролета низ умот. А ветување е ветување - еве ја и колумната! Станува збор за две крајно контрадикторни пораки кои ни ги упати власта, а кои само на прв поглед не се поврзани. Најнапред, Министерството за надворешни работи апелираше до граѓаните да не патуваат (односно да не прифаќаат вработувања) во земји како Авганистан или Ирак, затоа што таму е опасно, а веќе бележиме и трагични загуби. Чудно, затоа што истовремено Министерството за одбрана тврди дека постигнуваме фантастични успеси во ширење на мирот и демократијата токму меѓу граѓаните на истите тие земји!! Потоа стасува пораката дека Велика Британија ни укажала голема „чест“ со тоа што побарала дополнителен контингент од уште 500 припадници на специјалните сили, кои треба да се упатат во јужниот дел на Авганистан - а нашата влада била среќна да одговори позитивно.

Разбирливо е што загрижената власт им препорачува на граѓаните да не одат „трбухом за крухом“ во опасните делови на светот, особено кога ја имате во вид нејзината евидентна неспособност да се справи со такви ситуации. Но, апсурдно е кога таа иста власт го спонзорира одењето „трбухом за крухом“ кога станува збор за воените професионалци и тоа го оправдува со амбициите за членство во НАТО, а уште полицемерно тврди дека станува збор за учество во мировни операции!? Јавноста заслужува да знае дека учеството во рамки на британскиот контингент во јужниот дел на Авганистан е учество во вистинска војна, за разлика од кое досегашното учество во северниот дел во рамки на германскиот контингент изгледа како училишна екскурзија. Некој и ќе се налути, но мнозина кои се вратија од воените мисии во Авганистан и Ирак искрено признаваат дека главната мотивација за нивното доброволно пријавување била - заработувачката! На моето тврдење искажано на седница на парламентарната комисија за одбрана дека Македонија нема што да бара во мисија во Ирак (и дека со тоа ќе го прекрши и националното и меѓународното право), претставникот на Министерството за одбрана употреби контра-аргумент според кој кај нашите професионалци владее голем ентузијазам за пријавување. Но, денес мнозина ќе ви потврдат (секако, неофицијално) дека со зголемувањето на бројот на ротациите и на учесниците спласнува и ентузијазмот: нема пари што можат да ви го надоместат ужасот и ризикот од мисии кои немаат блага врска со мировни операции. Но, побарувачката за нови војници очигледно расте и расте - правопропорционално со изјавите на Буш, Блер или Бучковски за успесите платени со крвта на невините. Тригодишнината на Ирачката војна скоро и да не беше одбележана или беше споменувана како тема од меѓународните односи, без да се има во вид и нашата партиципација во тој дел од пеколот. Во светот се протестираше масовно, но кај нас се зборува за наводни успеси и владее официјална амнезија спрема соучесништвото во злосторството. Не беше тешко да се претпостави дека војната ќе заврши со граѓански конфликт за кој „спасителите“ ќе ги обвинат локалците, без тронка срам или - не дај Боже - правна одговорност за воените злосторства, Абу Граиб и 100-те илјади невини човечки животи загубени во овие три години. Глобализацијата има чудна моќ да ги преплетува судбините на нашите гурбетчии (главно од поранешните кризни региони) со оние на тамошните жители, па циничниот коментар се наметнува сам. Во обид да ги откриеме корените на конфликтот од 2001 година низ т.н. политичка економија на конфликтот, нив обично ги наоѓавме во сиромаштијата, невработеноста, нерамноправната дистрибуција на ресурсите и сл. Но, во светлина на најновите случувања се повеќе ми се зацврстува уверувањето дека лекот за Македонија не е (само) во „целосната имплементација на Рамковниот договор“ (како што љубат да ни порачаат оние од надвор). Имам чувство дека Брисел и Вашингтон ни „помагаат“ и на конкретен начин: т.н. војна против тероризмот на неопределен рок дава безброј можности за редистрибуција и трансформација на конфликтите. Така, сега секој оној кој се чувствува како граѓанин од втор ред или е незадоволен од своите перспективи, наместо да војува во сопствената држава - може да си отиде во Авганистан, Ирак, а набргу и во Иран, па може да избира дали ќе војникува или ќе работи, за плата која неговата држава не е во можност да му ја обезбеди ни со сто рамковни договори.

Сепак, останува отворено суштинското прашање: која е цената на чинење на човечките животи? Ај да не говориме за перцепирањето на припадниците на АРМ како „топовско месо“, кое треба да ни обезбеди влез во НАТО. Многу повеќе ме мачат оние - веќе легендарни - баснословни овци. Да не биде дека говорам како Македонка, ќе потсетам дека во 2001-та загинаа и Албанци цивили, чии семејства се уште не добиле отштета од државата? За тие случаи не се ни отвори истрага за командна или некоја друга одговорност. Дури и албанските политички лидери повеќе милуваат да говорат за преживеаните борци, кои им се пополезни во политичките битки, но не ги чув да кажат збор за соодносот на цената на животот на една овца и на едно дете. За македонскиот блок што да се каже? Премиерот ни е тешко збунет и се „вади“ дека некој го излажал (замислете излажан министер за одбрана, кој не знае дека со две гранати не можат да се убијат толку овци, а ниту еден овчар!!). И наместо да размислува за сопствената одговорност во однос на наодите од ревизорскиот извештај, и за Карпалак, и за овците - тој се заканува дека ќе падне некој жртвен јарец (коза би било во женски род, нели?) во Јавното правобранителство. А таа, пак, во Лега-листички стил бара да не ги политизираме покојните овци - луѓето и онака лесно ги заборавивме, нели? Пред некое време се чудев на правната држава која свештеник испрати во затвор, а немаше храброст да уапси насилници и криминалци. Денес веќе не се чудам - лекцијата од кривичното право била дури и побенигна од онаа од областа на граѓанското право... А морал, па немојте ве молам - а што беше тоа?

Билјана Ванковска

извор: Време

13.3.06

Окупација на разумот

Боцевски јава на Фукујама, загрижен за македонските војници и отсуството на јавна дебата, а окупираните Ирачани и Аганистанци (многумина од нив жртви на „friendly fire“ и „колатерална штета“) ич не ги спомнува.

Анти апелира да признаеме дека сме окупатори, и да си се вратиме дома.

Просто се наежив од хипокризијата во текстот на Фукујама: од фразите „беневолентна хегемонија“, од „неоконзервативистичкото верување во универзалноста на човековите права“, од „периодични превентивни одбранбени војни“ против терористичките закани кон САД.

Сепак, Фукујама признава дека и по инвазијата на Ирак таму (и во Авганистан) се води војна, не затоа земјата е нападната и окупирана од САД, туку што затоа што Ирак станал „магнет, тренинг игралиште и оперативна база за џихадистичките теористи, со изобилство американски мети за отстрел“. Фукујама не само што признава дека се водат „контра-востанички“ војни, туку инсистира на победа со триумфалистичкиот жаргон на Буш: „We are fighting hot counterinsurgency wars in Afghanistan and Iraq and against the international jihadist movement, wars in which we need to prevail.“

Уште неколку прашања кои заслужуваат одговор:

1) Дали Собранието донело одлука за наше приклучување во војната во Ирак? (според чл. 68 од Уставот) Ако не донело, тогаш нашата надворешна политика негира дека во Ирак се води војна.

2) Против кои оски на злото се бориме во т.н. „антитерористичката коалиција“?

3) За какви „мировни операции“ станува збор (неодобрени од ООН), кога дури и идеолозите на нашите сојузници признаваат дека се водат војни на туѓа територија?

4) Од кога терористите почнавме да ги делиме на „исламски“, „џихадистички“ (Фукујама) и останатите?

извор: Зомбификација

18.3.03

Чиј амбасадор си ти?

Не те видов од моментот кага пред три години на Правниот факултет те замолив повеќе да не држиш јавни трибини среде студентите на Скопскиот универзитет за НАТО-Алијансата. Ти реков јавно на трибината дека нема смисла да се злоупотребуваат студентите и Универзитетот за милитарни цели.

Оттогаш, дури на 10 март 2003 година те видов како, во својство на амбасадор, зборуваш за НАТО во телевизиската мисија посветена на оваа организација. Се согласувам дека ти можеш најдобро да ни кажеш како да ја научиме азбуката на НАТО, а притоа ништо да не погрешиме.

Видов дека прецизно ја користиш терминологијата на НАТО. Така и треба да биде. НАТО е воена организација и се мора да се движи како што е предвидено. Не зборуваш за војната во Македонија во 2001 година, туку за "криза". Демек, немало војна, иако имаше голем број жртви, ранети и протерани лица од повеќе градови и села во Македонија. Нелогично е Македонија да има војна кога е членка на Партнерството за мир и кога на нејзина територија непосредно се наоѓаат НАТО-војниците.

Но, ти се јавувам поради одговорот што го даде на прашањето на студентите од Институтот за одбрана и мир во Скопје, во врска со војната против Ирак. Ти ја поддржа таа војна и, згора на тоа, бараш од Македонија да се вклучи во неа, со образложение дека сме членка на Вилнус групата. За ова прашање ти имаш цврст став и него јавно го соопштуваш, пред да се изгради официјален став на македонската држава. Добив впечаток дека ти не си амбасадор на Македонија во Брисел, туку си амбасадар на некоја друга земја.

А сега сакам да размениме мислење како универзитетски професори за следново прашање: дали воопшто Македонија може да учествува во војната против Ирак, независно од тоа дали некој тоа го сака или не? Мојот одговор е негативен, од повеќе причини. Прво ќе ги наведам правните пречки, а потоа политичките и хуманите аспекти.

Нашиот Устав дозволува само одбранбена војна, во случај ако Македонија биде нападната или ако и претстои непосредна опасност. Верувам оти не мислиш дека Ирак ќе не нападне или дека режимот на Хусеин претставува воена закана за нашата земја. Ако Собранието, пак, донесе позитивна одлука, тогаш Уставниот суд може да ја поништи или да ја укине како противуставна. Може да издаде и привремена мерка за запирање на нејзиното дејство.

Уште поголема пречка е меѓународното право. Да се потсетиме само на два документа. Повелбата на Обединетите нации ја забранува силата како средство за решавање на меѓународните спориви. За употребата на сила одлучува само Советот за безбедност, со согласност на петте големи сили. Добро знаеш дека Франција, Русија и Кина не ја поддржуваат војната како средство за разоружување на Ирак. Ако, пак, некоја држава нападне некоја земја без таква согласност, тогаш таа држава врши агресија врз нападнатата земја. А агресијата е најтешко меѓународно злосторство за кое нема никакво оправдување. Тоа е запишано во Декларацијата на Нирнбершкиот суд за воени злосторства од 1945 година.

А сега за политичките аспекти. Војната против Ирак е лична војна на САД и на Велика Британија, а не војна на НАТО. Подобро од мене знаеш дека НАТО е длабоко поделен по ова прашање и дека нема согласност за војната против Ирак. И од гледиште на НАТО, значи, Македонија нема обврска да го напаѓа Ирак.

Се повикуваш на Вилнус групата како аргумент, тврдејќи дека некои членки од оваа група ја поддржуваат војната, иако се поблиску до Европската унија од Македонија. Па тоа не е цврст аргумент. Македонија повеќе се стреми кон Европската унија отколку кон НАТО. ЕУ е трајна и перспективна организација, а за НАТО тоа не може да се каже. Веројатно сакаш Македонија да биде вазал-држава, како што тоа го тврди Ширак за членките на Вилнус групата како репрезенти на "Новата Европа"?! Не е добро што водиш повеќе сметка за САД и за НАТО отколку за Македонија и за Европската унија.

Мислам дека не сакаш или не можеш да видиш дека се создава мултиполарен свет како нова појава на меѓународната сцена. На една страна се Германија, Франција и Русија, а на друга е Кина, со добри изгледи да привлече поголем број држави од Далечниот Исток на своја страна. На трета е Индија како растечка суперсила на 21-от век, а на четвртата се арапските и муслиманските земји кои поцврсто се обидинуваат како последица на војната против Ирак и масакрирањето на Палестинците. Ова не е обединување против САД, туку заштита на меѓународната безбедност и цивилизирано решавање на меѓународните конфликти.

А сега за хуманите аспекти на војната. Да те запознаам само со неколку податоци за последиците од војната што ги согледува Светската здравствана организација. Од 26 милиони население на Ирак, гладни ќе бидат 16 милиони луѓе Тоа се оние што добиваат бесплатна храна од ирачката држава. Овие луѓе гладот ќе ги уништи поефикасно од кое било оружје за масовно уништување. Бројот на жртвите во Багдад се проценува на 50.000, а бројот на жртвите на јужниот и северниот фронт од земјата се проценува на 30.000. Ранети ќе има околу 500.000 лица. Во Иран се очекува бран од 900.000 бегалци, а во Турција, Кувајт, Сирија и во Јордан реката на протерани луѓе е несогледлива. Во внатрешноста на Ирак, пак, ќе талка двомилионска "хорда" на раселени и напатени лица.

Што ако се остварат овие прогнози, дури и во помала величина? Ќе имаш ли барем мирен сон како што сега го имаш? Мислев дека си човек кој ги цени моралните вредности посилно отколку функцијата. Затоа гласав за тебе на парламентарните избори во Општина Центар во 1998 година. Потоа, предвреме го напушти пратеничкиот мандат, барајќи подобро место во Брисел, без да водиш сметка за довербата што ти ја дадов. Од пратеник стана амбасадор, и од Скопје замини за Брисел. Не знам дали тие е подобро таму отколку што ти беше во Собранието и на Универзитетот? Не знам, исто така, да ли си свесен за одговорноста што ја имаш кога ја поддржуваш војната против Ирак и кога бараш Македонија да учествува во неа по секоја цена?

На крајот, пред да те поздравам, сакам да те потсетам дека калинките во твоето Валандово и во мојот Дојран се подготвуваат за цутење. А што ќе цути во Ирак, ако твоите желби се остварат, во врска со војната против Ирак?

Со поздрав и желба за разговор,
Светомир Шкариќ

Извор: Вест