31.5.07

Не сме окупатори во Ирак под команда на НАТО!

И Груевски манипулира на тема Ирак – НАТО. И оваа Влада продолжува со окупаторската политика одговорна за стотици илјади животи во Ирак:

„Денес македонските војници заедно со војниците од другите земји учествуваат во мисиите во Авганистан и Ирак во заедничката борба на Алијансата против глобалните безбедносни закани и во зачувување на светскиот мир и безбедност.“ (Обраќање на претседателот на Владата на Република Македонија, м-р Никола Груевски, на пролетната сесија на Парламентарното собрание на НАТО во Португалија ...)

Ужас невиден. Против кои „ глобалните безбедносни закани“, и за каков „светски мир и безбедност“, кога политиката на САД е “We dont do body counts (освен на нивните „херои“, разбира се).

Да се знае - македонските војници во Ирак не се дел од никакви трупи по барање на НАТО, туку „ по барање на Владата на Соединетите Американски Држави и врз основа на ратификуваните СОФА договори на Република Македонија со Кувајт и Катар“ (Предлог-одлука за испраќање на единици на АРМ за учество во мировната мисија во Ирак)

Уште еднаш повторувам, македонските војници не се во состав на НАТО, туку „во состав на американскиот контингент во мисијата “Слобода за Ирак” “, и тоа како „полу-платеници“: „Трошоците за транспорт, сместување, исхрана и итна медицинска помош за учесниците во мировната операција ги обезбедува САД, а останатиот дел од трошоците ги обезбедува Република Македонија. “

На овие манипулации укажав и во постовите Министер за напад?, Соучесници во злосторот и во Светската брука.

извор: Зомбификација

15.4.07

Операции со бројки

IRAQ BODY COUNT вика: отприлика 61-67 илјади загинати цивили при воени интервенции во Ирак од 2003 до денес. Тоа се во просек 16 илјади годишно. Тоа е отприлика по четириесетина жртви СЕКОЈ ДЕН во текот на четири години. Животите на тие луѓе не се помалку (ниту повеќе) вредни отколку на студентите кои изгинаа при масакрот на Вирџинија Тек.

Најголемата вина за тоа што се случува во Ирак оди на плеќите на САД и Британија, но, не смее да се заборави дека тие таму не се сами.

Значи, потсетување до сите државјани на Република Македонија дека и АРМ учествува во окупаторските мисии и сите пропратни настани во Ирак (а и во Афганистан); Македонските војници пак беа пратени таму без многу пренемагања, бидејќи тоа се доживеа како потег во име на зајакнување на (перверзниот) однос со светскиот хегемон САД и бидејќи „така рекле од НАТО“. Тоа се едни од ретките прашања за кои не ни треба политички дијалог за да се постигне консензус. Затоа еве едно симпатично банерче за сите оние кои не сакаат да се помират со судбината дека нивната земја окупира и тероризира недолжно население, кое е копилефт и кое очекувам да биде прифатено исто ко она „од ганџа се умира ако те фатат алфи“. Со право може да замерите дека е закаснета реакција, но како што тргнало, американското присуство на Блискиот Исток ќе трае, а со тоа и македонските фаланги допрва ќе одат пак по стапките на Александар.

31.10.06

Глупавиот и поглупавиот

Некои вести ме потсетија дека одамна не сум го гледал филмот „Глупавиот и поглупавиот“:

„Црвенковски истакна дека Македонија во овој момент не размислува ниту за намалување на бројот ниту за повлекување на нашите војници од Ирак.“

(Претседателот ке оди во Ирак)

А што мајка бара нашиот претседател во окупираниот Ирак?

Случајно „октоподот“ да не се скрил во близина на „ослободените“ нафтени полиња?

Или, поскоро, сака да даде поддршка на Медиумската офанзива на САД и на „крстоносецот“ Џорџ Буш кој продолжува да тресе невидени глупости:

Џорџ Буш ... рече дека Соединетите Држави се прилагодуваат на тактиката на непријателот за да го поразат.“

Која ступидарија:

1) Ако непријателите се „терористи“...

2) Ако САД „се прилагодуваат на тактиката на непријателот за да го поразат“.

тогаш, не следува ли дека:

3) САД се прилагодуваат на „терористички“ тактики за да го поразат „терористичкиот“ непријател?

И кој е сега поголем „терорист“?

извор: Зомбификација

24.8.06

„Каде сте Македончиња?“

Просто ме вади од такт рамнодушноста на европските медиуми во однос на хуманитарната катастрофа во Ирак. На пример, Ирак речиси го нема во топ вестите на BBC (главни вести се Иран, Либан и кутрата озонска дупка која од мака престанала да се шири).
Уште полошо, во единствената споредна
вест која се однесува на Ирак, во фокусот се повторно „кутрите“ маринци на САД, а не секојдневните жртви од неуспешната операција „Слобода“ за Ирак.

Ќе речете: трупите на САД не се одговорни за сите жртви: најголемиот број луѓе гинат во граѓанска војна („меѓуверски судири“), а не од оружјето на маринците и нивните калфи и чираци.

Ќе ви одговорам: За мирот и безбедноста во окупираната земја одговорен е оној што ја окупирал! (вклучително и ние како Соучесници во злосторот!)

Што станува со нас кои уште со консензус, без јавна дебата, праќаме војници во „мировни“ мисии? Имаме ли шанси барем тука да ја пробиеме медиумската
Окупација на разумот? Еве што цитира А1:

„Мислам дека имаме нешто што во најдобар случај е граѓанска војна на мал простор“, рече Фрај.

Веста е од типот - „Колумбо ја откри Америка“ - ни збор за истребувањето на локалните култури - Инките, Маите, „500-те нации“...
Се чудам само, што стана со новинарската етика? Каде е другата страна и нејзе да ја чуеме? Зошто новинарите од BBC не отидат во некоја Ирачка Шипковица и не направат репортажа со тамошните „Учки“, да ги прашаат зошто зеле оружје во рака?
И кај се македонските левичари (и хуманите блогери - секоја чест на исклучоците) да кренат глас против ужасната војна?
Никој не ги чита веќе постовите на тема Ирак, па бесмислено е да се пишува на таа тема?

24.6.06

Министер за напад

Како дел од нивните Предизборни манипулации, нашите директни учесници во Светската брука, нашите Соучесници во злосторот, продолжуваат со Окупација на разумот да го оправдуваат нашето учество во окупацијата на Ирак:

„- Со успешните мисии придонесуваме за етаблирање на нашиот пат кон НАТО. Се разбира поканата за НАТО е политичка одлука, меѓутоа Вие на боиштето во Ирак докажавте дека тој статус го заслужуваме, истакна Манасијевски.“ (МИА)

Нашиот „Министер за напад“ повторно се обидува да ја манипулира јавноста дека нашите сили во Ирак се дел од НАТО, иако мисијата на НАТО во Ирак е само тренинг мисија, а нашите беа во „американската база во ирачкиот град Таџи“ каде што извршуваа задачи со „висок ризик“ на боиштето!

Почитуван министре, ако во Ирак не се води војна, тогаш што бараат нашите војници на боиштето во Ирак?

(Можда министерот смета дека „нападот е најдобра одбрана“?
Ете, да го споделам и овој off-line коментар од една пријателка.)

извор: Зомбификација

25.3.06

Соучесници во злосторот!

Неколку цитати од колумната на Биљана Ванковска За цената на човечките животи:


"Јавноста заслужува да знае дека учеството во рамки на британскиот контингент во јужниот дел на Авганистан е учество во вистинска војна, за разлика од кое досегашното учество во северниот дел во рамки на германскиот контингент изгледа како училишна екскурзија."


"...нема пари што можат да ви го надоместат ужасот и ризикот од мисии кои немаат блага врска со мировни операции."
"Тригодишнината на Ирачката војна скоро и да не беше одбележана или беше споменувана како тема од меѓународните односи, без да се има во вид и нашата партиципација во тој дел од пеколот. Во светот се протестираше масовно, но кај нас се зборува за наводни успеси и владее официјална амнезија спрема соучесништвото во злосторството."

Како надоврзување на постот Окупација на разумот, би поставил само две прашања до нашиот врховен командант: Кога ќе престанете да ги манипулирате Вашите граѓани за „постигнатите успеси на припадниците на Армијата во меѓународните мисии за зачувување на мирот и стабилноста во Ирак и Авганистан“? Дали единствениот Ваш успех за постигнување „стабилен политички консензус“ е „засилено присуство во меѓународните операции за подршка на мирот“, односно испраќање нов војници во војни на окупирани територии каде се губат десетици илјади невини животи?

извор: Зомбификација

За цената на човечките животи

На офицер на Армијата му должам една конкретна колумна... Во своето гласно размислување тој го искажа токму она што и мене ми пролета низ умот. А ветување е ветување - еве ја и колумната! Станува збор за две крајно контрадикторни пораки кои ни ги упати власта, а кои само на прв поглед не се поврзани. Најнапред, Министерството за надворешни работи апелираше до граѓаните да не патуваат (односно да не прифаќаат вработувања) во земји како Авганистан или Ирак, затоа што таму е опасно, а веќе бележиме и трагични загуби. Чудно, затоа што истовремено Министерството за одбрана тврди дека постигнуваме фантастични успеси во ширење на мирот и демократијата токму меѓу граѓаните на истите тие земји!! Потоа стасува пораката дека Велика Британија ни укажала голема „чест“ со тоа што побарала дополнителен контингент од уште 500 припадници на специјалните сили, кои треба да се упатат во јужниот дел на Авганистан - а нашата влада била среќна да одговори позитивно.

Разбирливо е што загрижената власт им препорачува на граѓаните да не одат „трбухом за крухом“ во опасните делови на светот, особено кога ја имате во вид нејзината евидентна неспособност да се справи со такви ситуации. Но, апсурдно е кога таа иста власт го спонзорира одењето „трбухом за крухом“ кога станува збор за воените професионалци и тоа го оправдува со амбициите за членство во НАТО, а уште полицемерно тврди дека станува збор за учество во мировни операции!? Јавноста заслужува да знае дека учеството во рамки на британскиот контингент во јужниот дел на Авганистан е учество во вистинска војна, за разлика од кое досегашното учество во северниот дел во рамки на германскиот контингент изгледа како училишна екскурзија. Некој и ќе се налути, но мнозина кои се вратија од воените мисии во Авганистан и Ирак искрено признаваат дека главната мотивација за нивното доброволно пријавување била - заработувачката! На моето тврдење искажано на седница на парламентарната комисија за одбрана дека Македонија нема што да бара во мисија во Ирак (и дека со тоа ќе го прекрши и националното и меѓународното право), претставникот на Министерството за одбрана употреби контра-аргумент според кој кај нашите професионалци владее голем ентузијазам за пријавување. Но, денес мнозина ќе ви потврдат (секако, неофицијално) дека со зголемувањето на бројот на ротациите и на учесниците спласнува и ентузијазмот: нема пари што можат да ви го надоместат ужасот и ризикот од мисии кои немаат блага врска со мировни операции. Но, побарувачката за нови војници очигледно расте и расте - правопропорционално со изјавите на Буш, Блер или Бучковски за успесите платени со крвта на невините. Тригодишнината на Ирачката војна скоро и да не беше одбележана или беше споменувана како тема од меѓународните односи, без да се има во вид и нашата партиципација во тој дел од пеколот. Во светот се протестираше масовно, но кај нас се зборува за наводни успеси и владее официјална амнезија спрема соучесништвото во злосторството. Не беше тешко да се претпостави дека војната ќе заврши со граѓански конфликт за кој „спасителите“ ќе ги обвинат локалците, без тронка срам или - не дај Боже - правна одговорност за воените злосторства, Абу Граиб и 100-те илјади невини човечки животи загубени во овие три години. Глобализацијата има чудна моќ да ги преплетува судбините на нашите гурбетчии (главно од поранешните кризни региони) со оние на тамошните жители, па циничниот коментар се наметнува сам. Во обид да ги откриеме корените на конфликтот од 2001 година низ т.н. политичка економија на конфликтот, нив обично ги наоѓавме во сиромаштијата, невработеноста, нерамноправната дистрибуција на ресурсите и сл. Но, во светлина на најновите случувања се повеќе ми се зацврстува уверувањето дека лекот за Македонија не е (само) во „целосната имплементација на Рамковниот договор“ (како што љубат да ни порачаат оние од надвор). Имам чувство дека Брисел и Вашингтон ни „помагаат“ и на конкретен начин: т.н. војна против тероризмот на неопределен рок дава безброј можности за редистрибуција и трансформација на конфликтите. Така, сега секој оној кој се чувствува како граѓанин од втор ред или е незадоволен од своите перспективи, наместо да војува во сопствената држава - може да си отиде во Авганистан, Ирак, а набргу и во Иран, па може да избира дали ќе војникува или ќе работи, за плата која неговата држава не е во можност да му ја обезбеди ни со сто рамковни договори.

Сепак, останува отворено суштинското прашање: која е цената на чинење на човечките животи? Ај да не говориме за перцепирањето на припадниците на АРМ како „топовско месо“, кое треба да ни обезбеди влез во НАТО. Многу повеќе ме мачат оние - веќе легендарни - баснословни овци. Да не биде дека говорам како Македонка, ќе потсетам дека во 2001-та загинаа и Албанци цивили, чии семејства се уште не добиле отштета од државата? За тие случаи не се ни отвори истрага за командна или некоја друга одговорност. Дури и албанските политички лидери повеќе милуваат да говорат за преживеаните борци, кои им се пополезни во политичките битки, но не ги чув да кажат збор за соодносот на цената на животот на една овца и на едно дете. За македонскиот блок што да се каже? Премиерот ни е тешко збунет и се „вади“ дека некој го излажал (замислете излажан министер за одбрана, кој не знае дека со две гранати не можат да се убијат толку овци, а ниту еден овчар!!). И наместо да размислува за сопствената одговорност во однос на наодите од ревизорскиот извештај, и за Карпалак, и за овците - тој се заканува дека ќе падне некој жртвен јарец (коза би било во женски род, нели?) во Јавното правобранителство. А таа, пак, во Лега-листички стил бара да не ги политизираме покојните овци - луѓето и онака лесно ги заборавивме, нели? Пред некое време се чудев на правната држава која свештеник испрати во затвор, а немаше храброст да уапси насилници и криминалци. Денес веќе не се чудам - лекцијата од кривичното право била дури и побенигна од онаа од областа на граѓанското право... А морал, па немојте ве молам - а што беше тоа?

Билјана Ванковска

извор: Време