23.6.07

Mакедонија е во војна!

Седум причини да си подразмисли човек за македонското учество во окупацијата на Ирак.

„Да бомбардираш за мир е како да се ебеш за невиност“ – графит

1. Нема дебата Ако некој сака правилно да одлучува, тоа значи дека треба да ги земе предвид сите аргументи. Тоа подразбира, покрај оние кои ја поддржуваат неговата намера, треба да ги разгледа и аргументите против. А ги разгледа ли некој негативните импликации од нашето учество во окупацијата на Ирак? Размисли ли некој за последиците? Самиот факт што нема дебата во јавноста е доказ дека одлуката да учестуваме во окупациската мисија во Ирак е проблематична. Уште позагрижувачки е што пратениците, оние кои треба да работат за граѓаните, не ни отворија дебата за тоа прашање. Тие дури и не знаат дека нашето учество во мисијата во Ирак нема врска со НАТО. НАТО не учествува во Ирак.

2. Лицемерна мисија – Ако малку размисли човек се во оваа мисија е лицемерно. Ужасно лицемерно. Почнувајќи од името – „Слобода за Ирак“. Замислете ситуација во која во Македонија доаѓа на власт некој што е тирански настроен, некој македонски Садам. И не можеме да се ослободиме од него. По дваесетина години, Американците решиле да „не ослободат“ од тиранот. Собираат воена коалиција и „не ослободуваат“ – го рушат режимот. Арно ама, потоа, не си заминуваат. Градат четири-пет огромни бази. Зошто им се? Затоа што немаат намера да си заминат. „Слобода за Македонија“ – добро ли е ова име за таква мисија?

3. Македонските „мировници“ – Македонија во Ирак ги испраќа своите најдобри војници. Елитни единици обучени да се справат со секакви ситуации. Американците, пак, во Ирак испраќаат регрути, војници од втора постава. И што мислите, кој таму ги врши најтешките работи? Кој оди во најризичните акции? Нашите војници таму не добија медали затоа што по цел ден играат табла во базите.
Македонските фоторепортери не смееја да им ги сликаат лицата на војниците, за да се заштити нивниот идентитет, како и безбедноста на нивните семејства. Од кого се плашат? Какви се тие ослободители кои во Ирак се пречекувани со секојдневни напади на бомбаши самоубијци? Видел ли некој, дури и на Си-ен-ен, Ирачаните да ги гушкаат ослободителите онака како што народот ги дочекуваше партизаните 1945 година?
Не. Затоа што не се ослободители, туку окупатори. Можеби додека го читаш ова, некој македонски војник, платен и од твоите пари, упаѓа во домот на некое ирачко семејство, гази со чизмите по тепихот и вперува оружје во невин тинејџер. Тинејџерот го гледа македонското знаме на неговата униформа и тоа за него е непријателско. Да, Македонија, малата мирољубива земја на Балканот.

4. Килава коалиција – Каква коалиција е оваа во која учествуваме? Еве кои ни се сојузници: Монголија, Азербејџан, Казахстан, Молдавија, Грузија, Ел Салвадор – хм, колку од нив можете од прва да ги најдете на мапа? Се разбира тука е и моќната Босна и Херцеговина која се уште не може да се нарече држава. Со убаво друштвенце сме се фатиле. Напред кон нови победи со нашите моќни сојузници.
Од моќните тука се само САД, со нивните полтрони Велика Британија и Австралија. Во коалицијата учествуваат и „велесилите“ Данска, Јужна Кореја, Полска, Романија, Словачка и Чешка. Која од која помоќна и повлијателна.

5. НАТО „у блато“ – Јавноста во поголем дел од земјите членки на Алијансата е против окупациската мисија во Ирак. Колку од западноевропските членки на НАТО учествуваат? Две – Велика Британија и Данска. Другите се претежно новите членки од Источна Европа. И се разбира: ние, моќните балкански велесили Македонија и Албанија. Во мисијата нема две третини од земјите во НАТО: ги нема Франција, Германија, Италија, Шпанија.
Хрватска, не учествува во окупацијата на Ирак, а е понапред од нас во интеграциите во НАТО. Хм? Значи можело и без таа мисија.

6. Од Ирак ќе се вратиме со спуштени гаќи – Министерот за одбрана Лазар Еленовски призна дека ја губиме војната. Тоа значи дека коалицијата не донесе демократија, а уште помалку мир. Тоа се гледа од бројката 70.000 мртви, 100.000 ранети коалициски војници, плус трауматизираните, ожалостените, зацрнетите.

7. Да си пукнеш од среќа – Со нашето учество во окупацијата стануваме потенцијална мета на исламските фундаменталисти. Легитимно сме цел, затоа што наши војници окупираа странска држава. Луѓе, свесни ли сте дека Македонија е во војна?

Извор: .аНТИблог