9.7.07

Инвазијата на Ирак е окупација!

Да разјасниме еднаш -дали мисијата „Слобода за Ирак“ е окупација? Јас велам дека е! Во овој пост ќе докажам како и зошто.

1. Што е тоа окупација? Сајтот Defence Tehnical Information Center (фирма близок соработник со DOD - Department of Defence) вака го цитира - преземен од термините на DOD - терминот „окупирана територија“:
(DTIC) (DOD) Територија под власт и ефективна контрола на непријателска вооружена сила. Терминот не може да се примени на територија што е администрирана за да се постигне мир, каде што има договор, или друга спогодба, изразена или имплицитна, со цивилните власти на територијата.
Според Webster Online Dictionary окупација е:
(Webster Online Dictionary) Контрола на земја со воени сили на странска сила.
Според Wikipedia окупација се смета кога „контролата и власта на една територија што и припаѓа на државата преоѓа на непријателска армија“. Википедија дава ваква дефиниција:
(Wikipedia) Окупирани територии е термин што се користи од страна која смета дека еден регион е заземен нелегитимно од суверена сила.
Еве како меѓународното право дефинира што е тоа окупација - Хашките конвенции од 1899 година велат:
(Hague Convention: Laws and Customs of War on Land) член 42 - Територија се смета за окупирана кога е навистина под власт на непријателска армија.
Окупацијата важи само на територијата каде што таква власт е воспоставена, и може да се одржи.
2. Како стојат работите на терен? Да ги споредиме сега работите со она како што стојат нештата на терен во Ирак - ќе одам со ред како што ги наведов горните дефиниции и тоа што го пишува во нив.
  • Ирак е територија под власт и ефективна контрола на непријателска вооружена сила.
  • Територијата не е администрирана за да се постигне мир, затоа што при инвазијата во Ирак немаше војна.
  • Немало договор, ниту каква и да е спогодба со цивилните власти (со Садам Хусеин) за да може да се распоредат трупи во државата - напротив имаше жесток отпор.
  • Коалициските трупи се странска воена сила.
  • Контролата и власта на територијата на Ирак, што беше контролирана од суверена власт прејде на непријателска армија.
  • Ирак е заземен нелегитимно (како што ќе видиме подолу од изјавата на Кофи Анан) од рацете на суверената власт на Садам Хуесин.
  • Ирак е четири години под власт на непријателска сила која се одржува во земјата.
Ове точки докажуваат дека ситуацијата на теренот се поклопува со дефинициите за тоа што е окупација.
Некој ќе рече дека власта во Ирак не ја држат коалициските трупи - напротив. Властите во Ирак не се самоодржливи, а со тоа не се ни независни. Тоа значи дека се марионети во рацете на сојузниците/окупаторите. Со тоа се поставува прашањето дали се суверена власт, а следствено на тоа, дали се воопшто власт, или само администрација.

3. Што велат клучните фигури? Буш и оние кои се согласуваат со него, нормално дека не признаваат дека станува збор за окупација. Доколку признаат веројатно би следеле барања за санкции и засилен притисок за повлекување.
Поранешниот генерален секретат на Организацијата на Обединетите нации (ООН) Кофи Анан, додека се уште беше на функција изјави дека интервенцијата не е во согласност со актите на ООН.
(BBC news) 16.09.2004 - Кофи Анан за BBC изјави дека инвазијата на Ирак од коалицијата предовдена од САД е илегален акт кој се спротивставува на одлуките на ООН. (...) Притиснат со прашањето дали ја гледа инвазијата како илегална тој рече „Да, ако така сакате. Покажав дека не е во согласност со одлуките на Обединетите нации според моето гледиште, според гледиштето на одлуките, таа е нелегална“
А еве што кажал деновиве Колин Пауел, државен секретар на САД во времето на инвазијата. Некогашниот близок соработник на американскиот претседател тврди дека 2 ипол часа го убедувал Буш да не почнува инвазија на Ирак.
(Times Online) 8.07.2007 - Се обидов да ја избегнам оваа војна, рече Пауел на Aspen Ideas Festival во Колорадо. „Го освестував (Буш - заб. И.А.) за последиците од тоа да одиме во арапска земја и да станеме окупатори“.
Да, ова е оценка на поранешен американски генерал кој беше во најтесниот тим на Буш кога почна окупацијата. Ако тој самиот тогаш ја нарекол окупација, зошто ние сега би ја викале мисијата поинаку?

Извор: .аНТИблог