11.7.07

БР Македонија ДАВА странска воена помош!

Ете и тоа чудо бидна! БР Македонија сред 3-децениска економска криза и со се поголем број нејзини граѓани на кои буричкањето по канти им е секојдневие, има ставка на расход во буџетот насловена странска воена помош! Од премногу пари што ги имаме, се расфрламе со нив! Уште повеќе! Знаете ли колку изнесува таа „помош“? Цели 998,194,000 денари за 2007 година, односно 16,204,448 евра, односно 22,182,089 долари!

Дополнителната анализа на оваа матна ставка нуди уште поинтересни сознанија. Што мислите, во кои земји оди таа наша воена помош? Веројатно во Ирак, Авганистан и БИХ, каде што имаме воени мисии. Добро, но според официјалните бројки од нашето министерство за одбрана, ние на мисијата во Ирак (окупаторска, да не заборавиме!) трошиме 5,000,000 долари, на мисијата во Авганистан (исто така окупаторска, макар што со поголема правна основа) – 2,800,000 долари. Мисијата во БИХ, според овие бројки, би процениле дека изнесува околу 1,000,000 долари. Е сега, да пресметаме: 5 милиони + 2,8 + 1 = 9 милиони долари. И го поставуваме наградното прашање: во кои други земји одат останатите 13 милиони долари извлечени од џебовите на македонските граѓани!?

И не застануваат тука сите пикантерии околу парите што ние ги даваме за „странска воена помош“. Во Ирак имаме 40 војници, а во Авганистан досега имавме 115 војници. Покрај тоа, Авганистан е подалеку од Ирак, што ќе рече дека се плаќаат додатни трошоци за транспорт на трупи и опрема. Оттука, како тоа за Ирак да се плаќа повеќе (и тоа доста повеќе!) отколку за Авганистан? И уште нешто, за мисија од 40 војници плаќаме 5 милиони долари, односно 125,000 долари на човек! И некој има образ да каже дека од окупаторската мисија во Ирак имаме само „бенефити“!? До кога ќе ја вртиме главата од негативностите поврзани со нашето учество во војната во Ирак: дека тоа не прави окупатори, дека не прави цел на терористичко возвраќање од другата страна, дека трошиме огромна сума на пари што дефинитивно попаметно може да биде искористена.

Патем, оваа ненародна влада што ги троши парите за да го лажи народот, со негови пари, дека е народна влада, за „странска воена помош“ издвои речиси двојно повеќе во однос на буџетот на владата на СДСМ за 2006 година. Всушност, веќе со ребалансот на буџетот, владата на Груевски ја зголеми оваа ставка. И после оној промоторот на капиталистичките интереси Славевски има образ да пљампа дека немало пари во буџетот за стечајците! Па нема пари, господине Славевски, кога парите од граѓаните ги трошите несоодветно!

Во врска со овие бројки побарано е од портпаролот на министерството за одбрана да даде објаснение. Објаснението се уште го чекаме и баш не интересира зошто и на кои тоа земји ние, земјата во економска криза, и даваме не хуманитарна, не економска, туку најлошото – воена помош.

Извор: Рене, Левичарски блог