22.10.07

Повлекување или дополнително заглавување во Ирак?

Деновиве се случија два важни настани поврзани со прашањето на нашето учество во окупацијата на Ирак. Добрата вест е што се зголеми информираноста околу петицијата за повлекување на нашите војници од Ирак , што веднаш даде резултат. За само неколку денови се собраа онолку потписи колку што претходно се собираа за месеци. Лошата вест е најавата дека бројот на македонски војници во Ирак ќе биде дуплиран.

Еден од главните аргументи за нашето учество во окупацијата на Ирак е дека тоа е услов за нашето зачленување во НАТО. Во врска со тоа се доведува и најавеното зголемување на бројот на македонски окупациски сили. Имено, САД побара од БР Македонија да го зголеми бројот на војници за, како возврат, да ја притисне Грција да не го блокира нашето зачленување во НАТО под уставното име.

Прво, да разјасниме дека учеството во окупацијата на Ирак воопшто не е услов за зачленување во НАТО. Во моментов само 10 од 26-те членки на НАТО учествуваат со свои војници во Ирак, а Хрватска, која е исто така кандидат за членка на НАТО, нема војници во Ирак, а е понапред во поглед на процесот на зачленување од БРМ.

Второ, па зошто воопшто да се зачленуваме во НАТО?! И да дозволуваме САД да не уценува постојано мафтајќи со поддршката на нашето зачленување во НАТО како тоа безмалку да е дар божји? Веќе пишувавме дека тврдењето дека со зачленувањето во НАТО ќе се подобри нашата безбедност се темели врз основни непознавања на мандатот и правата и обврските од членството во НАТО (повеќе околу тоа можете да прочитате овде ). Покрај тоа, зачленувањето во НАТО ќе го оптовари нашиот буџет во кој наместо за социјални програми ќе се издвојуваат повеќе пари за вооружување. Наместо за леб, парите ќе се даваат за оружје. И на крајот, со зачленувањето во НАТО уште посилно се врзуваме за една агресионистичка политика која е се помалку популарна во светот и поради што можеме да станеме жртви на некој терористички напад.

Затоа не треба да дозволиме да не условуваат околу нашата надворешна политика. Наместо да станеме заложници на САД околу Ирак, треба во најмала рака да отвориме дебата што добиваме а што губиме од зачленувањето во НАТО. И знаете што е најсмешното тука? Ако ние се заканиме дека ќе ги повлечеме нашите војници од учеството во окупацијата на Ирак, верувајте дека САД веднаш ќе ни понудат да ја спречат Грција да стави вето на зачленувањето во НАТО под уставно име само и само ние да не се повлечеме од Ирак. Сфаќате како може одеднаш да се преврти играта во наша полза? Ама на пудлиците што ја претворија оваа земја во банана република (и од ВМРО и од СДСМ) тоа не им текнува. За да им текне, треба прво да престанат да размислуваат како пудлици. А тоа очигледно не можат да го направат.

Затоа, да не дозволуваме повеќе САД да не влече за нос околу Ирак! Пресметките на нашите банано-републикански политичари се повеќе од дилетантски, а, уште поважно, нашето учество во окупацијата на Ирак е тешка, непростлива данга за нас, кои учествуваме во окупацијата на друг народ, кој никогаш ништо не ни згрешил иако во текот на историјата многу долго сме биле под окупација и би требало да знаеме колку страшна работа се окупацијата и окупаторите.

Извор: Рене, Левичарски блог