28.10.07

Америка и 19-те ајдуци

Окупацијата на Ирак од страна на САД нема поддршка од светското јавно мислење ниту од огромното мнозинство на држави во светот. Моментално, само 19 земји од вкупно 191 воено ја поддржуваат американската окупација. За жал, меѓу нив е и Република Македонија, жалната банана република без свое јас.

Еве ја листата на срамот: Британија, Грузија, Австралија, Јужна Кореја, Полска, Романија, Ел Салвадор, Азербејџан, Бугарија, Монголија, Чешка, Данска, Албанија, Ерменија, Босна и Херцеговина, Естонија, Казахстан, Молдавија и – ние, како деветнаесеттиот ајдук. Никој друг не учествува! Во моментот има повеќе земји кои ги повлекле своите војници (вкупно 20 земји) отколку што се уште учествуваат во окупацијата! Покрај тоа, Данска значително го намали својот контингент и многу скоро се очекува сосема да се повлечи, партијата што победи на неодамнешните избори во Полска најави повлекување на војниците до крајот на 2008 година, а ако победи на ноемвриските избори во Австралија досегашната опозиција (а такви се предвидувањата) и Австралија ќе почне со повлекувањето. А во БРМ? ТИШИНА!!!! Ужасно бесчувствителна тишина! Никаков рок не е даден за повлекување! Напротив, дури има најави за зголемување на силите во Ирак!

И видете го друштвото во кое се наоѓаме! Речиси сите земји со здрави демократски корени или од старт не учествуваа во окупацијата (Германија, Франција, Шведска, Канада), или веќе ги повлекле своите војници (Норвешка, Холандија, Италија, Шпанија). А кој остана? Со мали исклучоци, матни држави кои исто како и БРМ имаат проблеми со вкоренетоста на демократијата. Навистина, треба да ни служи на чест што сме рамо до рамо со такви демократски сили како Азербејџан, Казахстан, Грузија, Ерменија, Молдавија, Монголија, Јужна Кореја и Ел Салвадор. Е навистина, добра багра сме нашле за дружење!

Ни ги потекоа ушите со тврдењето дека нашето учество во окупацијата е дел од нашето залагање за членство во НАТО. Ни ги потекоа ушите, ама ниту еден не се најде да извади документ каде што пишува дека БРМ, или која друга земја, мора да учествува во Ирак за да влезе во НАТО. Земји-членки на НАТО не учествуваат во окупацијата, ама пак – ние сме морале да учествуваме. Па зошто јавноста не ја информирате дека моментално само 1/3 од членките на НАТО учествуваат во окупацијата. Односно, дека дури 2/3 од членките на НАТО немаат војници во Ирак.

Ах, да, заборавив. Нашето учество во окупацијата на Ирак не е формален услов за зачленување во НАТО, ама тоа ни создава клучен сојузник во процесот на нашето зачленување без чија поддршка нема да можеме да се зачлениме. Бре, мајката! Ја памтите Лисабонската декларација од 1992 година? Според неа, Република Македонија не можеше да се зачлени во ЕУ ако не го променеше своето име со ново кое нема да го содржеше зборот Македонија. Ние тогаш опстоивме на нашата позиција и поради таа наша принципиелност Лисабонската декларација отиде во аут. Па зошто тогаш сега да прифаќаме вакви уцени? Ако окупирањето на некоја земја е услов за наше зачленување во некоја организација, тогаш треба да го преиспитаме нашето зачленување во една таква организација. Или барем да го замрзнеме процесот, се додека таквиот неморален услов не биде повлечен.

Уште нешто за крај. Последните земји што ги повлекле своите војници се три членки на НАТО: Словачка, Латвија и Литванија. Во Ирак беа убиени 4 Словаци, 3 Латвијци и 9 Литванци. Дали е потребно некој од нашите војници да биде убиен за тогаш да се покрени дебатата за нашето учество? Тогаш со прст ќе посочиме кој бил виновен за нивната смрт: Грујо, Бранко и секој од вас што ја поддржувате окупацијата на Ирак и нашето учество во неа.

Извор: Рене, Левичарски блог