23.10.07

Околу петицијата “Не пиеме нафта”

Изминативе неколку дена, петицијата беше објавена на Оннет, Багра и Кајгана. Бројот на потписите драстично се накачи (очекувам до крајот на денот да дојде до бројката 400), а малку по малку почнаа да се активираат нечии вијуги. Петицијата ја потпишаа и некои влијателни универзитетски професори - Билјана Ванковска, Ферид Мухиќ, Љубомир Цуцуловски, Светомир Шкариќ и др.
Сепак, мислењата кои ги прочитав на форумите по однос на целата иницијатива, беа во рамките на очекувањата - многу некритички, мрзеливи (не го прочитале текстот на петицијата а какаат), аргументирани само со преку парафразирање на излитените фрази пласирани во медиумите од страна на одговорните.

Затоа, наместо да се расправам по форумите, еве еден топтан пост со реплика на тројца од учесниците во дискусијата на Багра (на Кајгана се премногу, а најголемиот дел од репликите се по една реченица, која сите ја повторуваат).

1. Judge:

Секој кој мисли дека треба да ја потпише петицијава, работи директно ПРОТИВ интересите на Македонија како држава!
Еве, ќе ви нацртам:
- единствен, е-д-и-н-с-т-в-е-н услов Македонија да има шанса да опстане како држава е да се приклучи во НАТО
- најголем поддржувач во нашето членство во НАТО е САД
- ако не сме во Ирак, САД нема да не поддржуваат
- Хрватска не е Македонија, и на нејзините граници не се готви војна

Ова мислење е типично реал-политикантство по урнекот на досегашните владејачи (од било која провиниенција). Зошто ваквите ставови се погрешни, или во најмала рака базирани на илузии?!

Прво, во Ирак со свои трупи учествуваат само 10 земји членки на НАТО. Самиот пакт не е завојувана страна во Ирак. Нашата војска таму не е во служба на НАТО, туку на коалицијата предводена од САД. Учеството во Ирак не повлекува нужно членство во НАТО.
Второ, зошто се поаѓа од премисата “НАТО или смрт”? Дали Judge или било кој друг кој е на оваа линија, воопшто знае што НАТО претставува и какви ОБВРСКИ и ТРОШОЦИ повлекува? И дали сте свесни дека НАТО штити само од напад од надворешен непријател (ова оди како одговор на последната цртичка од репликата)? Дали сте свесни дека НАТО не прима земји кај кои постои ризик од немири (каква што е Македонија во моментов)?! - Ирак, не-Ирак, ако не се среди внатрешната ситуација, НАТО нема.

А, дури и да влезе Македонија во НАТО, во случај на терористички напад нема тоа многу да помогне. Типичен пример во е 11.9 кога САД, кои се земјата околу која НАТО гравитира, беа нападнати од терористи. И како НАТО помогна?!

Тоа е така затоа што терористите се непријател кој не може да се идентификува, нетипичен, неинституционализиран непријател, кој е секаде и никаде. А во случај на граѓанска војна или вооружено востание како она 2001, двете завојувани страни се од иста нација (зборувам за граѓанска нација, не племиња, затоа што вашето НАТО племиња не препознава). И ОНА и македонските вооружени сили би се сметале за македонски. НАТО не напаѓа сопствени граѓани, значи колку и да дава помош никогаш нема да пука на припадници на ОНА, освен ако тие не отворат оган на него. Ситуацијата во ништо не би се разликувала од 2001. Војната треба да се спречи овде и сега (затоа се инсистира на дијалог и сл.), бидејќи никој од страна нема да дојде и да ја спречи. За опстојувањето на земјава, а и за зачленувањето во НАТО тие специјалци кои се пратени таму, покорисни би биле доколку ги вратат назад и распоредат во кризните подрачја за конечно да може да се каже дека Македонија успеала да воспостави контрола на целата сопствена територија.
Ботом лајн: учеството во Ирак како производ на желбата за играње висока политика и дипломатија нема ама баш никаква врска со зачувување на безбедноста и опстојувањето на земјава виза ви членството во НАТО, затоа што ништо од тоа што пропагандната машинерија ви го сервира не е поврзано едно со друго.

За оние кои имаат желба да видат зошто е тоа така, корисен линк: North Atlantic Threaty 1949

2. Следи романтичарскиот национализам:

The Vlad: Незнам зашто те чуди една ваква петиција. Три четвртини од машката популација во Македонија се полни со естроген, пички у душа.2001 се виде колкав е процентот од гените на Александар во денешните Македонци. Аце не беше fucking потпишувач на петиции за мир.
Буљашите кои немаат муда ,нека бркаат работа, и нека не им пречат на на тие што имаат. Ниеден Македонски војник во Ирак не е отиден под принуда, а има повеке доброволци отколку што можеме да пратиме,така да, педерлааната нека си најде некоја друга петиција за потпишување.

Само губиме, сите војни ги изгубивме,преку тасе ми е да сме лузери,да тепаме барем еднаш и ние.

За првиот дел е излишно да зборам. На секој оној кој верува дека со оружје и воопшто со насилство може да се оствари некаква цел, не постои начин како да му се објасни зошто војната, било која војна, било каде, е лоша.

Што се однесува до македонските доброволци, на било кој soldier of fortune не му треба национална армија за да му се оствари желбата да оди на бојно поле. Секоја армија едвај чека доброволци, без оглед на пасошот. Сигурно и подобро би заработиле ако се борат под знамето на некоја побогата земја. Ем нивната жед за крв ќе биде задоволена, ем нема да се оптеретува македонскиот буџет.
А за тоа дека ете веќе не сме лузери, останува прашањето: како може да извојуваме победа во војна која не е наша? Дури еве, да “победиме#, што со таа победа?! Мислам каква корист? Ќе живееме подобро и посреќно од времињата кога Ирачаните едвај чекаа да дојдат македонските храбри и чесни мирољупци да им ги симнат прангите? Онака, тоа ќе го подигне моралот и националната самосвест. Од “победата” ќар ќе имаат само поединци кои на вешт начин успеваат да извлечат профит од туѓата несреќа, воглавно странски корпорации и по некој македонски гобар ако ни се врати некој ковчег од таму.
Ме воодушевува начинот на кој македонските горди синови&патриоти покажуваат муда - климајќи со главата на се’ што доаѓа од горе и жестоко бранејќи го хегемонизмот. Ете ви нов слоган: ГОРДИ СМЕ ШТО СМЕ МАРИОНЕТИ, ШТО ГАЗЕТО НИ ГО НАПОЛНИЈА СО МЕДАЛИ И ПЛАКЕТИ! Слепи сте ако не можете да увидите дека секој убиен Ирачанец од страна на македонски куршум е поголем пораз од било која замислена победа во било која војна. Секоја солза и клетва на невиното население упатена кон окупаторот има поголема тежина од било кој медал и било кој бенефит од таа војна. Бар овој народ, кој бил неправедно окупиран и “ослободуван” во текот на историјата треба да има чувство за овие работи.
3. За крај една “луцидна” забелешка:

PetarK: Тие што ја пишувале горнава петиција се премногу глупави за да разберат дека војната во Ирак заврши одамна - Американците победија, Ирак под Садам Хусеин загуби.

Во Ирак сега се водат граѓански војни и нашето присуство таму е потребно (или не) од истите причини од кои меѓународни мировни сили се стационирани скоро секаде каде што има конфликти.

Тој што даде ваква забелешка е премногу глупав за да увиди дека во Ирак се води војна на кој на едната страна е Коалицијата предводена од САД, а од другата се повеќе вооружени групации (не е исклучено и тоа што дел од нив војуваат меѓусебно). Присуството таму не е во мировни сврхи, затоа што при навлегувањето на сојузниците на Ирачка територија, војна немаше (што смируваат тие?!), ако сакате и формализирање, присуството на војските таму никогаш не е одобрено од ООН, напротив, осудено; на крај краева мировна мисија е мисија која создава услови за мир. А таму мир нема, ниту пак ќе има - затоа што до заби вооружените специјалци делуваат малку поинаку од плави шлемови.

- - - - - - - -

Свесен сум дека поголемиот дел од граѓаните се против оваа петиција, односно го поддржуваат македонското учество во Ирак, и тоа не заради некој ефект таму на лице место, туку од некои страни интереси кои би следеле како возвратна услуга од големите играчи на политичката сцена. Но добро е, митовите се предизвикани (во тоа име наредниве денови ќе биде објавен материјалот кој што беше поделен на граѓаните минатиов период). Свесен сум дека најверојатно ќе биде повторно угодено на заповедта на САД за зголемување на бројот на македонски војници таму и дека повторно за тоа нема да се расправа нити во Собранието нити било каде. Но, не сметам дека целава иницијатива е донкихотска битка. Отварањето на јавна дебата по оваа тема, и бар малото размрдување на заспаната инертна јавност (и академската јавност спаѓа тука), дури и да не допринесе во целосно остварување на нашата цел, би било добра основа за натамошно развивање на мировни движења, како на пример неучество во идни војни, или пак отворање на табу темата УКИНУВАЊЕ на војската во целина, по јапонскиот пример, и сл. Исто така, се отвораат многу прашања околу НАТО интеграциите и воопшто, се предизвикува догматизмот и едноумието кое се сервира веќе подолг период од страна на владејачките партии.

извор: Вуна