9.7.07

Инвазијата на Ирак е окупација!

Да разјасниме еднаш -дали мисијата „Слобода за Ирак“ е окупација? Јас велам дека е! Во овој пост ќе докажам како и зошто.

1. Што е тоа окупација? Сајтот Defence Tehnical Information Center (фирма близок соработник со DOD - Department of Defence) вака го цитира - преземен од термините на DOD - терминот „окупирана територија“:
(DTIC) (DOD) Територија под власт и ефективна контрола на непријателска вооружена сила. Терминот не може да се примени на територија што е администрирана за да се постигне мир, каде што има договор, или друга спогодба, изразена или имплицитна, со цивилните власти на територијата.
Според Webster Online Dictionary окупација е:
(Webster Online Dictionary) Контрола на земја со воени сили на странска сила.
Според Wikipedia окупација се смета кога „контролата и власта на една територија што и припаѓа на државата преоѓа на непријателска армија“. Википедија дава ваква дефиниција:
(Wikipedia) Окупирани територии е термин што се користи од страна која смета дека еден регион е заземен нелегитимно од суверена сила.
Еве како меѓународното право дефинира што е тоа окупација - Хашките конвенции од 1899 година велат:
(Hague Convention: Laws and Customs of War on Land) член 42 - Територија се смета за окупирана кога е навистина под власт на непријателска армија.
Окупацијата важи само на територијата каде што таква власт е воспоставена, и може да се одржи.
2. Како стојат работите на терен? Да ги споредиме сега работите со она како што стојат нештата на терен во Ирак - ќе одам со ред како што ги наведов горните дефиниции и тоа што го пишува во нив.
  • Ирак е територија под власт и ефективна контрола на непријателска вооружена сила.
  • Територијата не е администрирана за да се постигне мир, затоа што при инвазијата во Ирак немаше војна.
  • Немало договор, ниту каква и да е спогодба со цивилните власти (со Садам Хусеин) за да може да се распоредат трупи во државата - напротив имаше жесток отпор.
  • Коалициските трупи се странска воена сила.
  • Контролата и власта на територијата на Ирак, што беше контролирана од суверена власт прејде на непријателска армија.
  • Ирак е заземен нелегитимно (како што ќе видиме подолу од изјавата на Кофи Анан) од рацете на суверената власт на Садам Хуесин.
  • Ирак е четири години под власт на непријателска сила која се одржува во земјата.
Ове точки докажуваат дека ситуацијата на теренот се поклопува со дефинициите за тоа што е окупација.
Некој ќе рече дека власта во Ирак не ја држат коалициските трупи - напротив. Властите во Ирак не се самоодржливи, а со тоа не се ни независни. Тоа значи дека се марионети во рацете на сојузниците/окупаторите. Со тоа се поставува прашањето дали се суверена власт, а следствено на тоа, дали се воопшто власт, или само администрација.

3. Што велат клучните фигури? Буш и оние кои се согласуваат со него, нормално дека не признаваат дека станува збор за окупација. Доколку признаат веројатно би следеле барања за санкции и засилен притисок за повлекување.
Поранешниот генерален секретат на Организацијата на Обединетите нации (ООН) Кофи Анан, додека се уште беше на функција изјави дека интервенцијата не е во согласност со актите на ООН.
(BBC news) 16.09.2004 - Кофи Анан за BBC изјави дека инвазијата на Ирак од коалицијата предовдена од САД е илегален акт кој се спротивставува на одлуките на ООН. (...) Притиснат со прашањето дали ја гледа инвазијата како илегална тој рече „Да, ако така сакате. Покажав дека не е во согласност со одлуките на Обединетите нации според моето гледиште, според гледиштето на одлуките, таа е нелегална“
А еве што кажал деновиве Колин Пауел, државен секретар на САД во времето на инвазијата. Некогашниот близок соработник на американскиот претседател тврди дека 2 ипол часа го убедувал Буш да не почнува инвазија на Ирак.
(Times Online) 8.07.2007 - Се обидов да ја избегнам оваа војна, рече Пауел на Aspen Ideas Festival во Колорадо. „Го освестував (Буш - заб. И.А.) за последиците од тоа да одиме во арапска земја и да станеме окупатори“.
Да, ова е оценка на поранешен американски генерал кој беше во најтесниот тим на Буш кога почна окупацијата. Ако тој самиот тогаш ја нарекол окупација, зошто ние сега би ја викале мисијата поинаку?

Извор: .аНТИблог

23.6.07

Mакедонија е во војна!

Седум причини да си подразмисли човек за македонското учество во окупацијата на Ирак.

„Да бомбардираш за мир е како да се ебеш за невиност“ – графит

1. Нема дебата Ако некој сака правилно да одлучува, тоа значи дека треба да ги земе предвид сите аргументи. Тоа подразбира, покрај оние кои ја поддржуваат неговата намера, треба да ги разгледа и аргументите против. А ги разгледа ли некој негативните импликации од нашето учество во окупацијата на Ирак? Размисли ли некој за последиците? Самиот факт што нема дебата во јавноста е доказ дека одлуката да учестуваме во окупациската мисија во Ирак е проблематична. Уште позагрижувачки е што пратениците, оние кои треба да работат за граѓаните, не ни отворија дебата за тоа прашање. Тие дури и не знаат дека нашето учество во мисијата во Ирак нема врска со НАТО. НАТО не учествува во Ирак.

2. Лицемерна мисија – Ако малку размисли човек се во оваа мисија е лицемерно. Ужасно лицемерно. Почнувајќи од името – „Слобода за Ирак“. Замислете ситуација во која во Македонија доаѓа на власт некој што е тирански настроен, некој македонски Садам. И не можеме да се ослободиме од него. По дваесетина години, Американците решиле да „не ослободат“ од тиранот. Собираат воена коалиција и „не ослободуваат“ – го рушат режимот. Арно ама, потоа, не си заминуваат. Градат четири-пет огромни бази. Зошто им се? Затоа што немаат намера да си заминат. „Слобода за Македонија“ – добро ли е ова име за таква мисија?

3. Македонските „мировници“ – Македонија во Ирак ги испраќа своите најдобри војници. Елитни единици обучени да се справат со секакви ситуации. Американците, пак, во Ирак испраќаат регрути, војници од втора постава. И што мислите, кој таму ги врши најтешките работи? Кој оди во најризичните акции? Нашите војници таму не добија медали затоа што по цел ден играат табла во базите.
Македонските фоторепортери не смееја да им ги сликаат лицата на војниците, за да се заштити нивниот идентитет, како и безбедноста на нивните семејства. Од кого се плашат? Какви се тие ослободители кои во Ирак се пречекувани со секојдневни напади на бомбаши самоубијци? Видел ли некој, дури и на Си-ен-ен, Ирачаните да ги гушкаат ослободителите онака како што народот ги дочекуваше партизаните 1945 година?
Не. Затоа што не се ослободители, туку окупатори. Можеби додека го читаш ова, некој македонски војник, платен и од твоите пари, упаѓа во домот на некое ирачко семејство, гази со чизмите по тепихот и вперува оружје во невин тинејџер. Тинејџерот го гледа македонското знаме на неговата униформа и тоа за него е непријателско. Да, Македонија, малата мирољубива земја на Балканот.

4. Килава коалиција – Каква коалиција е оваа во која учествуваме? Еве кои ни се сојузници: Монголија, Азербејџан, Казахстан, Молдавија, Грузија, Ел Салвадор – хм, колку од нив можете од прва да ги најдете на мапа? Се разбира тука е и моќната Босна и Херцеговина која се уште не може да се нарече држава. Со убаво друштвенце сме се фатиле. Напред кон нови победи со нашите моќни сојузници.
Од моќните тука се само САД, со нивните полтрони Велика Британија и Австралија. Во коалицијата учествуваат и „велесилите“ Данска, Јужна Кореја, Полска, Романија, Словачка и Чешка. Која од која помоќна и повлијателна.

5. НАТО „у блато“ – Јавноста во поголем дел од земјите членки на Алијансата е против окупациската мисија во Ирак. Колку од западноевропските членки на НАТО учествуваат? Две – Велика Британија и Данска. Другите се претежно новите членки од Источна Европа. И се разбира: ние, моќните балкански велесили Македонија и Албанија. Во мисијата нема две третини од земјите во НАТО: ги нема Франција, Германија, Италија, Шпанија.
Хрватска, не учествува во окупацијата на Ирак, а е понапред од нас во интеграциите во НАТО. Хм? Значи можело и без таа мисија.

6. Од Ирак ќе се вратиме со спуштени гаќи – Министерот за одбрана Лазар Еленовски призна дека ја губиме војната. Тоа значи дека коалицијата не донесе демократија, а уште помалку мир. Тоа се гледа од бројката 70.000 мртви, 100.000 ранети коалициски војници, плус трауматизираните, ожалостените, зацрнетите.

7. Да си пукнеш од среќа – Со нашето учество во окупацијата стануваме потенцијална мета на исламските фундаменталисти. Легитимно сме цел, затоа што наши војници окупираа странска држава. Луѓе, свесни ли сте дека Македонија е во војна?

Извор: .аНТИблог

19.6.07

Светска брука!

Мултинационалните сили (MNF) во Ирак (вклучително и нашите) се обвинети за голем број сериозни кршења на меѓународното право од страна на повеќе меѓународни невладини организации:


1. Приведувања и затвори: MNF и ирачката влада држат околу 30,000 ирачки затвореници по долги временски интервали без било какво обвинение или судење.
2. Злоупотреба и тортура врз затворениците: Мултинационалните сили ги подложуваат затворениците на суров, нечовечки и понижувачки третман, којшто е идентификуван од страна на активистите за човекови права како злоупотреба и тортура.
3. Употреба на нелегално, недискриминирачко и изразито штетно оружје: MNF користат недискриминирачко и изразито штетно оружје кое е забрането со меѓународни конвенции или за кое постои широко распространето мислење дека е нехумано.
4. Напади врз густо населени населби и користење тактика на опсада: MNF постојано напаѓаа густо населени цивилни населби со бомби и тешко вооружување. Ваквиот вид на дејствување, кое се одвива и ден денес, резултираше со голем број цивилни жртви и масовно уништување на физичката инфраструктура, создавајќи голем број бегалци (200,000 бегалци само во Фалуџа).
5. Неправилности во трошењето средства и недостиг на надзор над работата на Развојниот фонд за Ирак.
6. Неуспех да се заштити културното наследство: Коалицијата не успеа да го заштити бесценетото културно наследство на Ирак.
7. Неказнивост: Советот за безбедност на ОН ја афирмираше важноста на владеењето на правото и ставањето крај на неказнивоста. Меѓутоа, MNF побараа широка неказнивост за нивните сили, за вработените во приватните агенции за обезбедување, за странските воени и цивилни претприемачи, па дури и за нафтените компании кои работат со Ирак.
Организациите потписници на ова писмо бараат од Советот на Безбедност „повторно да го разгледа, да го измени, или да го прекине“ мандатот на MNF.
А кутриот наш „зелен“ министер за одбрана („и последњи дани“?) сеуште не убедува дека нашите војници се испратени во „мировна мисија“.

извор: Зомбификација

31.5.07

Не сме окупатори во Ирак под команда на НАТО!

И Груевски манипулира на тема Ирак – НАТО. И оваа Влада продолжува со окупаторската политика одговорна за стотици илјади животи во Ирак:

„Денес македонските војници заедно со војниците од другите земји учествуваат во мисиите во Авганистан и Ирак во заедничката борба на Алијансата против глобалните безбедносни закани и во зачувување на светскиот мир и безбедност.“ (Обраќање на претседателот на Владата на Република Македонија, м-р Никола Груевски, на пролетната сесија на Парламентарното собрание на НАТО во Португалија ...)

Ужас невиден. Против кои „ глобалните безбедносни закани“, и за каков „светски мир и безбедност“, кога политиката на САД е “We dont do body counts (освен на нивните „херои“, разбира се).

Да се знае - македонските војници во Ирак не се дел од никакви трупи по барање на НАТО, туку „ по барање на Владата на Соединетите Американски Држави и врз основа на ратификуваните СОФА договори на Република Македонија со Кувајт и Катар“ (Предлог-одлука за испраќање на единици на АРМ за учество во мировната мисија во Ирак)

Уште еднаш повторувам, македонските војници не се во состав на НАТО, туку „во состав на американскиот контингент во мисијата “Слобода за Ирак” “, и тоа како „полу-платеници“: „Трошоците за транспорт, сместување, исхрана и итна медицинска помош за учесниците во мировната операција ги обезбедува САД, а останатиот дел од трошоците ги обезбедува Република Македонија. “

На овие манипулации укажав и во постовите Министер за напад?, Соучесници во злосторот и во Светската брука.

извор: Зомбификација

15.4.07

Операции со бројки

IRAQ BODY COUNT вика: отприлика 61-67 илјади загинати цивили при воени интервенции во Ирак од 2003 до денес. Тоа се во просек 16 илјади годишно. Тоа е отприлика по четириесетина жртви СЕКОЈ ДЕН во текот на четири години. Животите на тие луѓе не се помалку (ниту повеќе) вредни отколку на студентите кои изгинаа при масакрот на Вирџинија Тек.

Најголемата вина за тоа што се случува во Ирак оди на плеќите на САД и Британија, но, не смее да се заборави дека тие таму не се сами.

Значи, потсетување до сите државјани на Република Македонија дека и АРМ учествува во окупаторските мисии и сите пропратни настани во Ирак (а и во Афганистан); Македонските војници пак беа пратени таму без многу пренемагања, бидејќи тоа се доживеа како потег во име на зајакнување на (перверзниот) однос со светскиот хегемон САД и бидејќи „така рекле од НАТО“. Тоа се едни од ретките прашања за кои не ни треба политички дијалог за да се постигне консензус. Затоа еве едно симпатично банерче за сите оние кои не сакаат да се помират со судбината дека нивната земја окупира и тероризира недолжно население, кое е копилефт и кое очекувам да биде прифатено исто ко она „од ганџа се умира ако те фатат алфи“. Со право може да замерите дека е закаснета реакција, но како што тргнало, американското присуство на Блискиот Исток ќе трае, а со тоа и македонските фаланги допрва ќе одат пак по стапките на Александар.

31.10.06

Глупавиот и поглупавиот

Некои вести ме потсетија дека одамна не сум го гледал филмот „Глупавиот и поглупавиот“:

„Црвенковски истакна дека Македонија во овој момент не размислува ниту за намалување на бројот ниту за повлекување на нашите војници од Ирак.“

(Претседателот ке оди во Ирак)

А што мајка бара нашиот претседател во окупираниот Ирак?

Случајно „октоподот“ да не се скрил во близина на „ослободените“ нафтени полиња?

Или, поскоро, сака да даде поддршка на Медиумската офанзива на САД и на „крстоносецот“ Џорџ Буш кој продолжува да тресе невидени глупости:

Џорџ Буш ... рече дека Соединетите Држави се прилагодуваат на тактиката на непријателот за да го поразат.“

Која ступидарија:

1) Ако непријателите се „терористи“...

2) Ако САД „се прилагодуваат на тактиката на непријателот за да го поразат“.

тогаш, не следува ли дека:

3) САД се прилагодуваат на „терористички“ тактики за да го поразат „терористичкиот“ непријател?

И кој е сега поголем „терорист“?

извор: Зомбификација

24.8.06

„Каде сте Македончиња?“

Просто ме вади од такт рамнодушноста на европските медиуми во однос на хуманитарната катастрофа во Ирак. На пример, Ирак речиси го нема во топ вестите на BBC (главни вести се Иран, Либан и кутрата озонска дупка која од мака престанала да се шири).
Уште полошо, во единствената споредна
вест која се однесува на Ирак, во фокусот се повторно „кутрите“ маринци на САД, а не секојдневните жртви од неуспешната операција „Слобода“ за Ирак.

Ќе речете: трупите на САД не се одговорни за сите жртви: најголемиот број луѓе гинат во граѓанска војна („меѓуверски судири“), а не од оружјето на маринците и нивните калфи и чираци.

Ќе ви одговорам: За мирот и безбедноста во окупираната земја одговорен е оној што ја окупирал! (вклучително и ние како Соучесници во злосторот!)

Што станува со нас кои уште со консензус, без јавна дебата, праќаме војници во „мировни“ мисии? Имаме ли шанси барем тука да ја пробиеме медиумската
Окупација на разумот? Еве што цитира А1:

„Мислам дека имаме нешто што во најдобар случај е граѓанска војна на мал простор“, рече Фрај.

Веста е од типот - „Колумбо ја откри Америка“ - ни збор за истребувањето на локалните култури - Инките, Маите, „500-те нации“...
Се чудам само, што стана со новинарската етика? Каде е другата страна и нејзе да ја чуеме? Зошто новинарите од BBC не отидат во некоја Ирачка Шипковица и не направат репортажа со тамошните „Учки“, да ги прашаат зошто зеле оружје во рака?
И кај се македонските левичари (и хуманите блогери - секоја чест на исклучоците) да кренат глас против ужасната војна?
Никој не ги чита веќе постовите на тема Ирак, па бесмислено е да се пишува на таа тема?