25.11.07
Полска и Австралија ќе се повлечат од окупацијата на Ирак
Викендов е сведок на два крупни удари за американскиот империјализам: бандитска дружина на земји што го окупираат Ирак (помеѓу нив, на наша срамота е и нашата земја!) во 2008 година ќе се намали од 19 на барем 17 земји!
Новиот полски премиер, Доналд Туск (либерал, а не левичар!), во својот прв говор пред полскиот Сејм најави дека стои на предизборното ветување дека ќе ги повлече полските војници од Ирак до крајот на 2008 година: „Ние решивме да го почнеме и да го завршиме повлекувањето на полските војници од Ирак во 2008 година.“
Во Австралија, пак, се остварија предизборните очекувања и опозициската Лабуристичка партија победи. Нејзината победа исто така се очекува да доведи до повлекување на австралиските војници од Ирак до средината на 2008 година. Во април оваа година на Националната конференција на лабуристите беше усвоен следниот став околу Ирак:
„Лабуристите не го поддржуваа австралиското вмешување во Војната во Ирак, бидејќи воената акција не беше одобрена од Советот за безбедност на ОН и бидејќи не можеше да се утврди веродостоен случај дека Ирачката војна претставува легитимен одговор на терористичките напади од страна на Ал Каеда согласно одредбите од членот 51 од Повелбата на ОН. Позицијата на лабуристите подоцна се покажа за точна.
Ниту една од целите што беа дадени за војната не се исполнија: не беше пронајдено оружје за масовно уништување, а терористичката закана се зголеми наместо да се намали како резултат на инвазијата. Како резултат на нашето учество во Ирак, Австралија сега повеќе е терористичка цел отколку што би била во обратен случај. Лабуристите постојано тврдеа дека нашите трупи подобро би биле употребени за обезбедување на интересите на Австралија во нашиот регион, а не ако останат бесконечно во Ирак.“
Со повлекувањето на Австралија од окупацијата, ќе преостанат само уште две западни земји кои учествуваат во Ирак: Британија и Данска (која и самата е во тек на повлекување). Со повлекувањето на Полска бројот на земјите членки на НАТО кои сеуште ја поддржуваат окупацијата ќе падне на само 6 (Британија, Романија, Бугарија, Чешка, Ерменија и Данска). На истиот број земји ќе падне и бројот на земји членки на ЕУ кои учествуваат во Ирак. Затоа прашуваме:
АКО НАШАТА ЦЕЛ Е ЗАЧЛЕНУВАЊЕ ВО ЕУ И НАТО, ЗОШТО НЕ СЕ ОДНЕСУВАМЕ КАКО УБЕДЛИВОТО МНОЗИНСТВО ЗЕМЈИ ЧЛЕНКИ НА ЕУ И НАТО И НЕ ЈА ПРЕКИНЕМЕ ОКУПАЦИЈАТА НА ИРАК?!!!
БР Македонија со учеството во окупацијата на Ирак по прв пат по Александар Македонски окупира туѓа земја. Да го обелиме образот на нашата земја и додека не е предоцна, да се повлечеме од окупацијата на Ирак!
Извор: Рене, Левичарски блог
Текстот на петицијата "Не пиеме нафта"
Ние, граѓаните на Република Македонија во името на добрите намери и определбите за хуманост и цивилизираност свесно застануваме против понатамошното учество на нашите војници во мисијата во Ирак. Апелираме до владата и до пратениците, кои одлуките ги донесуваат во наше име и со мандатот што сме им го дале преку непосредни демократски избори, да ги преиспитаат одлуките и при тоа да ги земат предвид и овие наши пораки.
Ова го бараме затоа што сметаме дека при донесувањето на одлуката за нашето учество во мисијата Слобода за Ирак немаше јавна дебата и не беше ислушан гласот на јавноста за ова прашање. Последица на тоа се еден куп невистини кои се искористуваат како фалсификувани банкноти, како лажни факти за оправдување на испраќањето нови контингенти војници, симнување на ограничувањата што на македонските војниците им ги наметнуваат нашите закони, и кои најверојатно ќе послужат како аргументи за зголемување на бројот на војниците.
Учеството на Македонија во коалицијата што ја спроведува мисијата Слобода за Ирак не е обврска која произлегува од нашите амбиции за влез во НАТО. Во коалицијата не учествуваат две третини од земјите членки на Алијансата, а од западноевропските држави учествуваат само Велика Британија и Данска. Тоа не е обврска ниту од нашиот кандидатски статус, а најдобар пример е Хрватска, која, иако не учестува во коалицијата, е понапред од нас во НАТО-интеграциите.
Лажен е и фактот дека трошоците за мисијата ги покриваат Американците или други сојузници. Во јавноста е малку познат фактот дека за македонското учество во крвавата мисија во Ирак од буџетот се издвојуваат по 5 милиони долари годишно. Тоа се пари од нашиот џеб - и ние ја финансираме окупацијата на Ирак.
Мисијата во Ирак не е мировна. Прво, како што изјави и генералниот секретар на Обединетите нации Кофи Анан, мисијата е илегална. Значи, непотврдена со соодветна резолуција од ООН. Второ, таа никако не може да спаѓа во мировна, затоа што во моментот кога се случи инвазијата во земјата немаше војна. Трето, фактичката состојба не се поклопува со дефиницијата за тоа што е мировна мисија што ја даваат ООН - мисијата не создаде услови за мир, напротив, таму е се покрваво.
Лицемерен е фактот што мисијата се вика Слобода за Ирак затоа што коалицијата ја окупираше државата која беше суверена. Фактот што во неа се градат четири американски бази не кажува дека војниците дошле да ја ослободат земјата и да си заминат, туку да останат. Тоа го прават окупатори, а не ослободители. Ова се потврдува и со неодамнешната изјава на поранешниот државен секретар на САД Колин Пауел кога во една своја изјава војната ја нарече окупација.
Фактичката ситуација на теренот сосема се поклопува со сите дефиниции на окупација, па и оние кои ги дава американскиот Департмент за одбрана.
И на крај, сите оние кои носат одлуки ги потсетуваме на ослободителните мисии во Македонија што балканските држави ги спроведувале на почетокот на XX век.
Нема ништо од ветеното учество на македонски фирми во обновата на Ирак.
Нема дебата за македонското учество во Ирак, што ја оправдува констатацијата дека за учеството во Ирак постои политички консензус.
Бројката на цивилни жртви е околу 70.000 цивили (Iraq Body Count). Тоа воопшто не е показ дека војната е завршена. Секојдневните колежи и напади носат се повеќе жртви. Како што оценуваат аналитичарите, државата фактички се наоѓа во граѓанска војна.
Македонските војници во Ирак се секојдневно изложени на воен ризик. Фактот што неколкумина македонски војници беа одликувани со медал го докажува тоа. Медали не им се даваат на луѓето кои седат во базите и играат табла, туку на оние кои непосредно се ангажирани во ризични акции. Дополнително, Македонија во Ирак праќа елитни единици, наспрема претежно регрутниот состав на главнината од војската на САД.
Инвазијата и распоредувањето на трупите во Ирак не придонесуваат за борбата против тероризмот и не прават од светот побезбедно место за живеење. И Буш во една изјава признава дека Ирак нема врска со терористичките напади од 11 септември 2001 година. Инвазијата на почетокот беше оправдувана со информации дека Садам Хусеин има оружје за масовно уништување. Оружјето никогаш не беше пронајдено.
Дополнително, окупацијата на Ирак ќе продуцира непријателства што ќе долее масло на огнот и дополнително ќе придонесе за регрутација на нови генерации на терористи. Во оваа битка и Македонија и нејзиното мирољубиво население станува потенцијална мета на тероризмот.
Сето тоа значи дека војната не придонесува за безбедноста и за борбата против тероризмот.
Поради сето тоа, и поради мирољубивата традиција на македонскиот народ и сите што живеат во Македонија, ние застануваме зад ставот, гласно бараме Парламентот да донесе одлука да се повлечат македонските војници од Ирак, а државата да излезе од коалицијата Слобода за Ирак.
20.11.07
Кој е интересот од испраќањето македонски војници во Ирак
Е. С. И.
извор: Време
17.11.07
Mакедонија - Спонзоруша
Граѓанската иницијатива „Ние не пиеме нафта“ денес организираше тркалезна маса. Се стокмив и појдов. Интересно. Морав да пишам пост, не знам зошто ама морав да изреагирам на излагањето на Александар Николоски од ВМРО-ДПМНЕ. Не би го поштедила тука и Игор-Шема од СДСМ бидејќи на иста линија беше и неговата изјава ама ете од првиов фатив супер цитати, уредно ги чкртнав на маргините од фанзинчето и веројатно бидејќи дебатата се одвиваше само меѓу учесниците, а не публиката почувствував потреба да чкртам пост. Ете одговор. Ај замолчи една герилка да те видам.
Фанзинчето е добро стомено. Полно со податоци кои овојпат одат во насока- демистификација на приказните кои ни се сервирани. Очекував силни аргументи од двајцата владини претставници ама добив само митови на послужавник кои и онака фино ги раскршија авторите на петицијата.
Николоски ја дефинираше „мировната“ мисија на мекедонските трупи во Ирак како „стратешко пријателство со САД кој е нашиот најголем пријател и СПОНЗОР“ (цитат) Во Фанзинот е спомната Хрватска која е кандидат за член во НАТО (еден од форсираните причини за учество на МК во мисијата), а истовремено нема испратено свои војници во Ирак. Хрватска е истотака и понапред од нас во НАТО- интеграциите. Истиот Николоски ја наведе Хрватска како легитимен пример но „ Хрватска е посилна на политички, економски, безбедносен план“ (цитат)
Па би го запрашала Николоски (ако може вака виртуелно кога не ни беше дозволено во живо) дали во неговото постојано инсистирање на алтернативи не влегува во еден зачаран круг од две опции: или МКД да работи на својата политичка, економска и безбедносна ситуација, да ја стигне хрватска, да ја надмине Хрватска па да може самостојно да донесува одлуки или Македонија да продолжи да постои и да се гради како СПОНЗОРУША?
извор: Фемгерила28.10.07
Америка и 19-те ајдуци
Окупацијата на Ирак од страна на САД нема поддршка од светското јавно мислење ниту од огромното мнозинство на држави во светот. Моментално, само 19 земји од вкупно 191 воено ја поддржуваат американската окупација. За жал, меѓу нив е и Република Македонија, жалната банана република без свое јас.
Еве ја листата на срамот: Британија, Грузија, Австралија, Јужна Кореја, Полска, Романија, Ел Салвадор, Азербејџан, Бугарија, Монголија, Чешка, Данска, Албанија, Ерменија, Босна и Херцеговина, Естонија, Казахстан, Молдавија и – ние, како деветнаесеттиот ајдук. Никој друг не учествува! Во моментот има повеќе земји кои ги повлекле своите војници (вкупно 20 земји) отколку што се уште учествуваат во окупацијата! Покрај тоа, Данска значително го намали својот контингент и многу скоро се очекува сосема да се повлечи, партијата што победи на неодамнешните избори во Полска најави повлекување на војниците до крајот на 2008 година, а ако победи на ноемвриските избори во Австралија досегашната опозиција (а такви се предвидувањата) и Австралија ќе почне со повлекувањето. А во БРМ? ТИШИНА!!!! Ужасно бесчувствителна тишина! Никаков рок не е даден за повлекување! Напротив, дури има најави за зголемување на силите во Ирак!
И видете го друштвото во кое се наоѓаме! Речиси сите земји со здрави демократски корени или од старт не учествуваа во окупацијата (Германија, Франција, Шведска, Канада), или веќе ги повлекле своите војници (Норвешка, Холандија, Италија, Шпанија). А кој остана? Со мали исклучоци, матни држави кои исто како и БРМ имаат проблеми со вкоренетоста на демократијата. Навистина, треба да ни служи на чест што сме рамо до рамо со такви демократски сили како Азербејџан, Казахстан, Грузија, Ерменија, Молдавија, Монголија, Јужна Кореја и Ел Салвадор. Е навистина, добра багра сме нашле за дружење!
Ни ги потекоа ушите со тврдењето дека нашето учество во окупацијата е дел од нашето залагање за членство во НАТО. Ни ги потекоа ушите, ама ниту еден не се најде да извади документ каде што пишува дека БРМ, или која друга земја, мора да учествува во Ирак за да влезе во НАТО. Земји-членки на НАТО не учествуваат во окупацијата, ама пак – ние сме морале да учествуваме. Па зошто јавноста не ја информирате дека моментално само 1/3 од членките на НАТО учествуваат во окупацијата. Односно, дека дури 2/3 од членките на НАТО немаат војници во Ирак.
Ах, да, заборавив. Нашето учество во окупацијата на Ирак не е формален услов за зачленување во НАТО, ама тоа ни создава клучен сојузник во процесот на нашето зачленување без чија поддршка нема да можеме да се зачлениме. Бре, мајката! Ја памтите Лисабонската декларација од 1992 година? Според неа, Република Македонија не можеше да се зачлени во ЕУ ако не го променеше своето име со ново кое нема да го содржеше зборот Македонија. Ние тогаш опстоивме на нашата позиција и поради таа наша принципиелност Лисабонската декларација отиде во аут. Па зошто тогаш сега да прифаќаме вакви уцени? Ако окупирањето на некоја земја е услов за наше зачленување во некоја организација, тогаш треба да го преиспитаме нашето зачленување во една таква организација. Или барем да го замрзнеме процесот, се додека таквиот неморален услов не биде повлечен.
Уште нешто за крај. Последните земји што ги повлекле своите војници се три членки на НАТО: Словачка, Латвија и Литванија. Во Ирак беа убиени 4 Словаци, 3 Латвијци и 9 Литванци. Дали е потребно некој од нашите војници да биде убиен за тогаш да се покрени дебатата за нашето учество? Тогаш со прст ќе посочиме кој бил виновен за нивната смрт: Грујо, Бранко и секој од вас што ја поддржувате окупацијата на Ирак и нашето учество во неа.
Извор: Рене, Левичарски блог
26.10.07
Неаргументирани врисоци: Слобода за Македонија, Ирак во НАТО
Уште од самиот почеток на иницијативата “Не пиеме нафта!”, очекував дека ќе наидеме на остри противнички реакции. Отворена е дискусија на една тема која 4 години е систематски маргинализирана. Отворена е дискусија која се избегнуваше сиот овој период. Освен некои минорни акции, ниту еден релевантен фактор во оваа земја не го актуелизираше нашето учество во војна. И тоа не било која војна, туку крвавата Ирачка војна, современиот Виетнам. Војна која што ни под разно не е оправдана, ако воопшто било која војна може да биде. Доколку не сте свесни или рамнодушни кон фактот дека вашето национално знаме се вее на бојното поле, и дека најверојатно е испрскано со крв на невини граѓани, дека таму вашата земја е окупатор и соучествува во геноцидот на еден цел народ, доколку со потсмев гледате на овие мои зборови, тогаш поарно не го ни читајте натамошниот дел од текстот, затоа што не сте луѓе, туку безочни ѕверови.
Кога се нафатив на една ваква иницијатива, бев свесен дека голем дел од масата ќе се нафрли кон нас како на еретици. Нормално, ја предизвикавме догмата во која сите тие се колнеа (Американците и ректилното упикување и милување од страна на нашите марионети-политичари како благодарност до нив за третманот кој го имаме). Очекував реакции од типот како оние на Кајгана (по една реченица без прирок), или Багра (наследниците на Александар Велики). Нормално е не сите да аргументираат и да изнесуваат критички ставови.
Исто така очекував да има реакции и од доста сериозни ликови, со поинакви идеолошки определби. Пример, си го замислував Трибун како одлучно застанува против, аналитички, аргументирано и сталожено како што знае.
Но, денес имаме друга ситуација. Трибун, како и гомилата други поддржувачи на војната во Ирак и нашето учество во неа, реагираше со сосема кус пост, составен од четири реченици, од кои четвртата е: ДА БИДЕМЕ ПОГЛАСНИ ОД НЕАРГУМЕНТИРАНИТЕ ВРИСОЦИ НА ОПОНЕНТИТЕ!
Прво и основно, мене лично ме навредува после испишани повеќе постови на неколку блогови, одржана трибина и издаден памфлет составен од многу повеќе од четири реченици некој да ми вели дека моето тврдење е неаргументирано. Згора на тоа, таква изрека доаѓа од блогер кој што во најголемиот дел од постовите му се структуирани со вовед, аргументација и заклучок, и добро знае што е аргумент а што не. Особено ме навредува кога истиот тој човек настапува потценувачки кон целиот труд на една тема, нарекувајќи го “врисок”. Во сајбер просторот врисок е текст напишан со капс лок. Нашата иницијатива е напишана со сосем обичен фонт. Од приложеното, некој друг вреска.
Второ, деснчарскиот кампус во овој пост доби своја контра-иницијатива, олицетворена во банерчето на кое е прикажан кипот на слободата, и слоганот “Слобода за Ирак - Македонија во НАТО”.
Бидејќи освен празни флоскули, друга аргументација за оваа иницијатива не е дадена, останува само идејата на авторот да постигне емотивен ефект (преку епската слика) - збунетиот Македонец да го добие чувството на ослободители и чувството на двојна придобивка - ем Ирачаните слободни, ем ние во НАТО.
Епа јас погнасна порака од таа не би можел ни да замислам. Прво, без трунка грижа на совест, без никакво влијание на христијанските вредности кои Трибуна ги негува, без грам совест која треба да ја има како хуманист, војната во која секојдневно гинат луѓе (до сега официјално ОСУМДЕСЕТ ИЛЈАДИ ЦИВИЛИ - да викам, на глас, врескам! ОСУМДЕСЕТ ИЛЈАДИ!), војната која се води без одобрение од Советот за безбедност, војна која настана откако Коалицијата стапна на ирачко тло, ја поистоветува со ослободување?!!!?! Да, мисијата се вика Слобода за Ирак, исто како што НАТО бомбашката мисија кога настрадаа болницата и РТС во Србија се викаше Милозлив Ангел. Кое црно ослободување?! Слобода не значи само симнување на тиранинот од власт, слобода значи и отсуство на страв да се излезе на улица, слобода значи можност да се гради општеството, а не да се гине и живее во очекување кога комшијата ќе те рокне сосе се’. Мировни мисии вршат плави шлемови, а не до заби наоружени професионални убијци.
Што се однесува до вториот аспект до сублиминалната порака - “Македонија во НАТО”, и тоа е типична манипулација, прво затоа што учеството во Ирак не е дел од НАТО интеграциите, а второ, затоа што никој не кажува зошто треба во НАТО. Добро, до кога ќе одбивате да прочитате она што ние само го преведуваме од странските извори - НАТО не учествува во Ирачката војна. Од вкупно 26 земји членки на НАТО во моментов, во Ирак свои национални армии имаат испратено само 8, и тоа САД, Канада, Британија, Данска (во процес на повлекување, кај и да е и тие целосно ќе си одат), Бугарија (е овие не си одат), Романија, Чешка и Полска. Хрватска, која е понапред од Македонија во НАТО интеграциите, не учествува во оваа војна. И да, повторно “националниот интерес” - НАТО или смрт. Неаргументирано, необразложено, сервирано како апсолутна вистина која не смее да се преиспитува.
Поента: Македонскиот десничарски блогерски кампус предводен од Трибун, заслепен од својата сервилност и поданост на големата светска велесила и хегемон САД, го достигнуваат врвот на својата некритичност на вакви горливи теми, обидувајќи се да ги дисквалификуваат оние кои навистина веруваат и искрено се залагаат за одредени идеи, без притоа да понудат соодветни аргументи и да ја прифатат фрлената ракавица за дебатирање и разменување на ставови. Секое малку поразлично мислење се третира како закана, а во одбрана се приложуваат само фрази кои не сведочат за ништо друго туку за една бесчуствителност, нехуманост, свирепост и злоупотреба на “националните интереси”, фрази и слики кои треба да послужат за гордо удирање во гради, и понатамошно држење на мозокот во тегла.
извор: Вуна